Две лица беа повредени во несреќата што се случи вчера на ул. „Радишанска“. Со возачот е извршен службен разговор и за настанот е известен дежурен јавен обвинител од ОЈО Скопје, по чии насоки возилото е привремено одземено, а по целосно документирање на предметот ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти МВР
Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција го пронајдоа возилото и лицето поврзани со сообраќајната несреќа што се случи на ул. „Радишанска“ во Скопје, во која две лица беа повредени, откако возачот удри во нив и го напушти местото на настанот, информира МВР.
Станува збор за возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, кое било пронајдено на ул. „Мак Диздар“ во Скопје.
Од МВР информираат дека со возачот, 50-годишниот И. П., е извршен службен разговор и за настанот е известен дежурен јавен обвинител од ОЈО Скопје. Возилото е привремено одземено, а по целосно документирање на предметот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Инаку, вчера во 18:47 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Радишанска“ во Скопје, патничко возило „фиат пунто“ удрило во 31-годишната С. М. и 27-годишната М. Ш., двете од Скопје, а возачот го напуштил местото на настанот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М. Ш., а со телесни повреди С. М., констатирани во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
