95 отсто од препишаните рецепти во изминатите два месеца се издадени електронски, посочи на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
„Го реализиравме проектот за електронски рецепти. Веќе два месеца препишувањето и издавањето лекови се врши без употреба на хартија и физичка посета на матиниот лекар. Во пракса, пациентите по телефон се јавуваат кај матичниот лекар, тој го издава електронскиот рецепт, а потоа граѓаните единствено со документ за лична идентификација можат да го подигнат лекот од аптека. Ова значително го поедноставува издавањето на рецептите и граѓаните добиваат побрза и пофикасна услуга“, рече Манчевски.
Тој рече дека електронските рецепти се трајна придобивка и дека се во корист за граѓаните и за време на кризата, а ќе бидат и после неа.
„Чекањето ред кај лекар и во аптека се веќе во минатото. Масовната дигитализација на услугите продолжува. Следни се електронското запишување на деца во градинка и во училиште, автоматското префрлање на финансиска помош за новороденче, како и уверението за остварени приходи од страна на УЈП. Следуваат и стотици други електронски услуги со што ќе продолжи масовната дигитализација“, рече Манчевски.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се покажало дека е одличен модел и проект електронското издавање рецепти, што почна пред кризата со Ковид-19, а со цел да се избегне непотребното доаѓање на пациентите, пред се, на тие со хронична болест и кај матичниот лекар и во аптеките.
