Осомничениот ја извлекол на сила од домот во кој живеела неговата поранешна партнерка, ја влечел и туркал до неговиот дом во близина, ја внел внатре и физички ја нападнал, удирајќи ја со шлаканици, клоци и со мобилен телефон, при што на жената ѝ нанел телесни повреди – рани и хематоми по главата и телото, велат од Обвинителството
Основното јавно обвинителство Скопје бара притвор за 45-годишник осомничен за семејно насилство. Како што информираат од Обвинителството, поведена е постапка против осомничениот, кој во неговиот дом во Кисела Вода ја влечел и тепал поранешната партнерка, нанесувајќи и телесни повреди.
„Ја извлекол на сила од домот во кој живеела жртвата, ја влечел и туркал до неговиот дом во близина, ја внел внатре и физички ја нападнал, удирајќи ја со шлаканици, клоци и со мобилен телефон. На жената ѝ нанел телесни повреди – рани и хематоми по главата и телото“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.

На осомничениот од страна на судија на претходна постапка претходно му биле определени мерки на претпазливост за насилство извршено кон неговата мајка и снаа за брат.
„Последниот настан укажува дека за кратко време тој ги повторува насилничките дејствија, односно манифестирал насилничко однесување и спрема неговата поранешна партнерка. Во исто време, постои ризик од бегство со цел да избегне кривична одговорност за сторените кривични дела, па јавниот обвинител сега од судот побара да определи најстрога мерка – притвор за осомничениот“,
велат од ЈОРСМ.
