Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека целта на поддршката е да им се помогне на домашните компании да го модернизираат производството и да ја зголемат продуктивноста, создавајќи истовремено и подобри услови за работа
Министерството за економија и труд со 11,3 милиони денари или околу 185 000 евра ќе стимулира микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии, информира денеска на прес-конференција ресорниот министер Бесар Дурмиши, наведувајќи дека јавниот повик за финансиската поддршка е веќе отворен.

Според јавниот повик, со овие средства ќе се кофинансираат 40 отсто од трошоците што овие фирми и занаетчии ќе ги направат и ќе поднесат доказ за тоа, но нема да се исплаќаат повеќе од 200 000 денари, односно околу 3 252 евра.
Поддршката, како што информира Дурмиши, се однесува на инвестициите реализирани во текот на минатата и оваа година, а право на учество ќе имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии кои ја регистрирале својата дејност согласно законските прописи.
Фирмите и занаетчиите ќе имаат можност се пријават на јавниот повик до крајот на следниот месец, односно до 30 јуни, до кога е крајниот рок за аплицирање.
Министерот за економија и труд вели дека целта на поддршката е да им се помогне на домашните компании да го модернизираат производството и да ја зголемат продуктивноста, создавајќи истовремено и подобри услови за работа.
„Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој“,
изјави министерот.
Покрај за оваа мерка, министерот информира дека во наредниот период ќе бидат објавени и други два јавни повика, кои ги оцени како значајни, а се во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
Првиот јавен повик, како што појасни тој, ќе се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што ќе бидат издвоени два милиони денари или околу 33 000 евра.
„Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари по компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на добавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност“,
наведе министерот.
Вториот јавен повик, кажа тој, е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени пет милиони денари (81 300 евра), а кофинансирањето, исто така, ќе изнесува 70 отсто од трошоците, но не повеќе од 500 000 (8 130 евра) по проект.
„Токму поврзувањето на бизнис секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија“,
рече Дурмиши.
Тој ги повика сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги следат условите од јавните повици и да аплицираат, а сите детали, услови и потребни документи ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството за економија и труд.
