Трамп ги оцени средбите во Пекинг како исклучително позитивни и продуктивни, а на кинескиот претседател му се заблагодари за големата чест и величествениот пречек
Според Ѓинпинг, двете земји треба да бидат партнери, а не соперници
Американскиот претседател Доналд Трамп ги покани кинескиот лидер Си Ѓинпинг и неговата сопруга Пенг Лијуан во посета на Белата куќа на 24 септември годинава, пренесува Си-ен-ен.
Ова е прва државна посета на американски претседател на Кина по речиси девет години.

„Со нетрпение го очекуваме тоа. А сега би сакал да наздравам за плодните и трајни врски меѓу американскиот и кинескиот народ“,
рече Трамп за време на државниот банкет кој кинескиот лидер го приреди во Големата народна сала во Пекинг во чест на американскиот претседател за време на неговата официјална посета на Кина.
Средбите во Пекинг ги оцени како исклучително позитивни и продуктивни, а на кинескиот претседател му се заблагодари за големата чест и величествениот пречек.
Според Ѓинпинг, односот меѓу Кина и Соединетите Американски Држави е најважен во светот и предупреди дека двете страни не смеат да го расипат.
„Денес претседателот Трамп и јас имавме детални разговори за односите меѓу Кина и САД и меѓународната и регионалната динамика. Двајцата веруваме дека односите меѓу Кина и САД се најважните билатерални односи во светот. Мора да ги направиме успешни и никогаш не смееме да ги расипеме“,
рече тој.
Посочи и дека Кина и САД можат многу да добијат преку соработка, но и многу да изгубат преку конфронтација.
„Нашите две земји треба да бидат партнери, а не соперници“,
вели кинескиот лидер.
Средбата во септември ќе биде трета средба меѓу двајцата лидери во вториот мандат на Трамп. Пред посетата на Кина, тие се сретнаа во Јужна Кореја во октомври.
Ѓинпинг последен пат ги посети САД во ноември 2023 година, кога се сретна со поранешниот претседател Џо Бајден на маргините на самитот на АПЕК во Сан Франциско.
