Една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“, вели Коларевиќ за „360 степени“, се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. И не само тоа, додава таа, претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал пред околу 48 часа соопшти дека ја прекинува истрагата за случајот познат во јавноста под кодното име „Мазут“, за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза од 2021 до 2023 година. Тоа значи дека е прекинат кривичниот прогон против 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ.
Обвинителката која ја водеше истрагата, на брифинг со новинарите, ги образложи причините за таквата одлука.
Но, тоа не ги спречи реакциите. Во изминативе два дена прекинот на истрагата го критикуваше премиерот, партијата што ја води и министерот за правда. Првиот човек на Владата кажа дека му се јавил на јавниот обвинител на РСМ, Ненад Савески, што самото по себе предизвика нова низа реакции поради фактот што извршната власт директно реагира за конкретен предмет кај обвинителството. Реакциите и причините поради кои ја донесе одлуката за прекин на истрагата се главните теми на кои побаравме одговори од обвинителката Катерина Коларевиќ.

„360 степени“: Вашата одлука за затворање на истрагата крена многу прашина во јавноста. Меѓу другите, премиерот рече дека со неверување ја примил веста и дека е шокиран. Од неговата партија, пак, бараат оставка на шефот на обвинителството во кое работите, Ислам Абази. Кој е вашиот коментар на овие изјави?
Катерина Коларевиќ: Обвинителството не се впушта во коментирање на изјави на политички актери или на други институции и сметам дека тој принцип треба да се задржи. Нашата обврска не е да учествуваме во политички дебати, туку да постапуваме исклучиво врз основа на закон, докази и факти утврдени во постапката. Разбирам дека одлуката предизвика реакции во јавноста, меѓутоа обвинителството не носи одлуки за да бидат популарни или да одговараат на нечии очекувања, туку за да бидат законити и одржливи. Во конкретниот предмет, истрагата траеше повеќе од една година, беа преземени бројни дејствија, беа анализирани обемни докази и на крајот не се обезбедија докази што ќе овозможат продолжување на постапката и поднесување обвинение. Досегашното искуство во државата покажало дека поднесувањето обвиненија без цврста доказна основа, особено во предмети под силен јавен и политички притисок, неретко резултира со ослободителни пресуди, долготрајни постапки или застарување на предметите, со што се создаваат и сериозни финансиски импликации врз Буџетот по основ на судски трошоци и надомест на штета. Токму затоа обвинителството мора да постапува одговорно и професионално, а не под влијание на дневнополитички очекувања. Секој има право на политички став и коментар, но обвинителството не смее да работи под притисок, ниту врз основа на политички изјави, медиумска атмосфера или јавни очекувања. Единствениот критериум за нас е дали постојат докази што можат да издржат пред суд и да резултираат со законита и осудителна пресуда.
„360 степени“: Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека не било побарано мислење од републичкото обвинителство за затворањето на случајот, односно дека не бил рефериран пред нив. Вие рековте дека сте го информирале телефонски. Во овој контекст, што навистина се случи и дали сте обврзани по закон да реферирате?
Катерина Коларевиќ: Потребно е да се направи јасна разлика меѓу информирање и формално реферирање на предмет. Реферирањето е механизам што во пракса се користи кога постојат сложени правни прашања, различни правни толкувања или дилеми околу понатамошното постапување. Во такви ситуации предметот најпрво се разгледува пред колегиум во ОЈО ГОКК, а доколку и понатаму нема усогласен став, се реферира пред колегиумот во ЈОРСМ. Во конкретниот предмет немаше таква правна дилема. Во текот на истрагата беа преземени сите неопходни дејствија, а особено значајно е што во март годинава беа сослушани претставници на АД ЕСМ кои недвосмислено изјавија дека не постои штета за компанијата. Тоа е суштински елемент за постоење на кривично дело од аспект на штетните последици и токму тие искази дополнително ја потврдија веќе утврдената фактичка состојба. Во таа насока, јавниот обвинител беше телефонски информиран за исходот на постапката, но законска обврска за формално реферирање во ваков случај нема. Замислете ако секој предмет, особено кога нема спорни правни прашања, биде предмет за колегиумско одлучување. На тој начин би се довела во прашање и самостојноста на обвинителот кој постапува по конкретниот предмет. Во конкретниот случај, ОЈО ГОКК за донесената одлука го информира јавниот обвинител на Република Северна Македонија пред таа јавно да биде соопштена. Дополнително, организирањето брифинг со новинарите и објавувањето официјално соопштение за предметот јасно покажуваат дека обвинителството стои зад донесената одлука. Доколку постоеше какво било сомнение во основаноста и законитоста на одлуката, ниту би била јавно презентирана, ниту би се организирал брифинг на кој детално ќе бидат образложени причините за нејзиното донесување.
„360 степени“: На брифингот со новинарите во вторникот кажавте дека од околу 200 собрани докази не сте нашле ниту еден според кој може да очекувате осудителна пресуда доколку поднесете обвинение. Дали, можеби, погрешно сте ја воделе истрагата?
Катерина Коларевиќ: Не, напротив. Фактот што во текот на истрагата беа прибрани и анализирани околу 200 докази покажува дека истрагата беше темелна, сеопфатна и водена без предрасуди кон ниту една страна. Обвинителството има обврска да ги утврдува и фактите што одат во прилог на сомнението, но и фактите што го исклучуваат. Погрешно би било обвинителството однапред да одлучи дека мора да има обвинение, а потоа селективно да бара само докази што би ја потврдиле таа теза. Тоа не е владеење на право, туку потврдување однапред создаден наратив. Во конкретниот предмет беа проверени сите наводи од кривичната пријава, беа сослушани голем број лица, обезбедена беше обемна документација, извршени беа анализи и вештачења. Но, ниту еден доказ не даде основ за основано очекување дека пред суд може да се докаже кривична одговорност надвор од разумно сомнение. Обвинителството не смее да поднесува обвиненија само за да ја задоволи јавноста или политичките очекувања. Нашата обврска е да поднесеме обвинение само тогаш кога доказите реално можат да доведат до осудителна пресуда. Сѐ друго би било неодговорно и спротивно на законот. Но, ниту еден од обезбедените докази не даде основ за поднесување обвинение од кое би можело основано да се очекува донесување осудителна пресуда. Имено, доказите прибрани во текот на истрагата не обезбедија степен на сомнение потребен за поведување обвинение, имајќи предвид дека согласно одредбите од ЗКП, „разумно сомнение“ претставува степен на сомнение доволен за водење истражна постапка, но не и за поднесување обвинение. За поднесување обвинение потребен е значително повисок степен на извесност, односно јавниот обвинител врз основа на обезбедените докази треба да може основано да очекува дека во судска постапка ќе биде донесена осудителна пресуда. Во конкретниот случај, таков степен на поткрепеност со докази не беше обезбеден.
„360 степени“: Вашето постапување почнало по иницијатива од ДКСК, а продолжило по кривична пријава од МВР. Како стигнавте до заклучок дека во случајот ги нема основите за кривичните дела наведени во пријавата на МВР?
Катерина Коларевиќ: Обвинителството не е врзано за квалификациите дадени во кривичната пријава, без разлика дали таа доаѓа од МВР, ДКСК или од која било друга институција. Нашата обврска е самостојно и независно, врз основа на докази, да утврдиме дали навистина постојат елементи на кривично дело и за кое дело. Законот прецизно ги определува битијата на секое кривично дело и елементите што мора кумулативно да бидат исполнети за да постои кривична одговорност. Не е доволно да постои сомнеж, јавна перцепција или политичка оценка, туку мора да постојат конкретни и докажливи факти што ќе ги потврдат сите законски обележја на делото. Во конкретниот предмет, сите наводи од иницијативата и кривичната пријава беа детално проверени и се направија чекори понатаму. Беа прибрани обемни материјални докази, сослушани повеќе лица и анализирана целокупната документација. Но, не се потврдија клучните елементи потребни за постоење на кривичните дела наведени во пријавата, особено во делот на настапена штета, противправна имотна корист и постоење умисла. Особено значајно е што претставници на АД ЕСМ, како субјект кој според пријавата требало да биде оштетен, јасно изјавија дека штета нема. И не само тоа. Претставниците на АД ЕСМ овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’ овластени од сегашниот директор на ТЕЦ ‘Неготино’ на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани. Воедно, во истата постапка осомничени не беа само Ратко Капушевски, Ерџан Суковски и Асмир Јахоски, туку и вработени во ЕСМ, кои во текот на истрагата доставија докази издадени од Секторот за производство на АД ЕСМ според кои целосната постапка што се водела по јавните повици била во ред. Таквиот заклучок обвинителството го изведе токму од тие докази. Во таква состојба, обвинителството не може законито да конструира обвинение само затоа што предметот е од јавен интерес или затоа што постои очекување дека мора да има кривична одговорност. Дополнително, како што напоменавме и претходно, покрај претставниците од АД ЕСМ и ТЕЦ ‘Неготино’ кои беа сослушани, осомничените – вработени од АД ЕСМ доставија документација во форма на сублимирано појаснување добиено од Секторот за производство на АД ЕСМ, во која се образложува законитоста на постапките, а воедно примероци од записниците од исказите на претставниците им беа врачени веднаш по сослушувањето, кое се изврши на ден 4.3.2026 година. Од друга страна, АД ЕСМ како компанија што трпела каква и да било штета со дејствија на осомничените, можела да достави докази во таа насока во обвинителството во секој момент од истражната постапка. Ова дотолку повеќе што од почетокот на траењето на истражната постапка, правосудната полиција во неколку наврати пристапуваше во просториите на АД ЕСМ со барања за доставување документација и докази за утврдување факти за кривична одговорност. Но такви никогаш од страна на ЕСМ не беа доставени. Ако нешто се косело со фактичката состојба, а за тоа знаеле други лица од АД ЕСМ, сметам дека имаа доволно време за реакција од 4.3.2026 година до 10.5. Тоа се повеќе од два месеци. Уште еднаш ќе си дозволам да напоменам, кривичната постапка не смее да се води врз претпоставки, туку врз докази што можат да издржат судска проверка и да резултираат со законита пресуда.
„360 степени“: Дали условот поставен од ЕСМ во повикот, за испорака на 1 200 тони мазут дневно, бил ограничувачки за да можат да се јават и други компании?
Катерина Коларевиќ: Во текот на истрагата беше анализиран и тој аспект, односно дали условите од јавниот повик биле поставени на начин што незаконски би ограничил конкуренција или би фаворизирал конкретен економски оператор. При тоа беше утврдено дека сите правни лица кои во тој период поседувале соодветна лиценца за трговија и снабдување со мазут биле информирани и поканети да учествуваат во постапката. Тоа е особено важно, бидејќи покажува дека повикот не бил тајно или селективно насочен кон однапред определен субјект. Дополнително, условот за испорака на 1 200 тони мазут дневно, го поставиле како услов стручните лица од Секторот за производство на АД ЕСМ и ТЕЦ ‘Неготино’, односно истиот произлегува од погонската карта на самата централа, односно погонските карактеристики на централата. Овој ист факт беше неколку пати потврден и од испитаните претставници на ТЕЦ ‘Неготино’ и АД ЕСМ во смисла на тоа дека доколку работи ТЕЦ ‘Неготино’ со еден блок биле потребни дневно по 600 тони мазут, за два блока 1200 тони мазут. Од тие причини, од ниту еден доказ за обвинителството не произлезе фактот дека ваквиот услов од 1200 тони дневно мазут бил поставен со намера незаконски да се исклучат други компании или да се овозможи противправна корист за конкретен субјект. Исто така, значајно е што во постапката не се обезбеди доказ дека некое правно лице кое ги исполнувало условите било незаконски спречено да учествува или дека било дискриминирано. Во кривичноправна смисла, за да се тврди злоупотреба, не е доволна само перцепција дека условот бил строг или висок, туку мора да постои јасен доказ за противправна намера, фаворизирање и штетна последица, а такви докази не беа обезбедени.
„360 степени“: Зошто во дејствијата како што се – влегување на Ерџан Сулковски во РКМ и тоа со речиси две третини од сопствеништвото и трансакциите од и кон Асмир Јахоски не гледате кривично дело?
Катерина Коларевиќ: Во конкретниот случај, од обезбедените докази не произлезе дека дејствијата на наведените лица биле преземени со цел да се изврши кривично дело, да се прибави противправна имотна корист или да се нанесе штета на државата. Напротив, утврдено беше дека станува збор за деловни активности поврзани со обезбедување на континуирано снабдување со мазут во период на енергетска криза, кога функционирањето на ТЕЦ ‘Неготино’ беше од исклучително значење за енергетската стабилност на државата. Фактот што осомничениот Асмир Јахоски учествувал со свои парични средства во банкарската гаранција што ја дал РКМ не претставува дејствие со кое се даваат лажни податоци или се прикриваат податоци за остварување на условите од јавниот повик, од причина што доколку евентуално дошло до активирање на банкарската гаранција поради непочитување на договорот, која би била разликата за АД ЕСМ дали се пари на РКМ или на Асмир Јахоски. Од друга страна, не е дејствие на извршување на кривично дело само по себе ниту пристапувањето на Ерџан Сулковски како содружник и управител во РКМ во време на веќе склучени договори, кои во голем дел биле реализирани. Во таа насока, едниот субјект располагал со транспортни капацитети и логистика за испорака на потребните количини мазут, додека другиот имал воспоставени деловни контакти и канали за обезбедување на количините неопходни за непречено функционирање на системот. Тоа само по себе не претставува кривично дело. Кривичното право не санкционира остварување профит од законска деловна активност, туку исклучиво противправно постапување. За да постои кривично дело, мора да има јасен доказ дека некој ја злоупотребил службената положба, постапувал спротивно на закон или прибавил противправна корист на штета на државата. Такви докази во предметот не беа обезбедени.
„360 степени“: Дали и која од засегнатите страни има право на правни лекови по вашата одлука? И, какви?
Катерина Коларевиќ: Согласно Законот за кривичната постапка, секое лице што поднело кривична пријава има право да биде известено за донесената јавнообвинителска одлука, а оштетените во постапките имаа право на жалба против решение на ОЈО со кое се отфрла пријавата, односно приговор против наредба за запирање на истражна постапка, до Вишото ОЈО согласно чл. 288 од ЗКП. Од оваа одредба за АД ЕСМ и покрај тоа што на записник пред јавен обвинител навеле дека АД ЕСМ нема претрпено штета и не предјавиле отштетно побарување како резултат на кривично дело, сепак го имаат правото на овој правен лек – приговор против наредбата за запирање на истражна постапка. Тоа право во конкретниот случај им стои на располагање на АД ЕСМ и тие можат да го искористат во законски предвидената постапка. Морам да напоменам дека до донесувањето на одлуката АД ЕСМ не покажа апсолутно никаков интерес во врска со предметот. Дури вчера од нивна страна беше побарано да им биде доставен примерок од кривичната пријава и вештите наоди и мислења, како би се подготвиле да ги штитат интересите на оштетеното правно лице. Исто така, во рамките на Јавното обвинителство постои и систем на хиерархиска контрола, што значи дека повисокото јавно обвинителство има законски механизми за увид и оценка на донесената одлука. Тоа е суштината на правната држава – секоја одлука на обвинителството да биде подложна на проверка преку законски механизми, а не преку политички или медиумски притисок. Ние немаме проблем ниту со контрола, ниту со преиспитување на одлуката, затоа што таа е донесена врз основа на доказите обезбедени во постапката.
