Според лидерот на СДСМ, ваквиот став на претседателката се надоврзува на вчерашната изјава на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски дека влезот на Македонија во НАТО, што дојде по Преспанскиот договор, бил позитивен за земјата
„Дали сега е јасно кои се предавниците“, реторички прашува Филипче во објава на социјалната платформа Икс
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче во коментар на социјалните мрежи вели дека претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова денеска потврдила дека со Преспанскиот договор е апсолвирано прашањето за македонскиот национален идентитет.

Според Филипче, ваквиот став на претседателката се надоврзува на вчерашната изјава на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски дека влезот на Македонија во НАТО, што дојде по Преспанскиот договор, бил позитивен за земјата.
„По вчерашната изјва на Тимчо Муцунски дека НАТО е феноменална работа (иако ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да гласа за тоа), сега и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вели дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот национален идентитет! Дали е ова доволен доказ дека СДСМ е најдржавотворната партија? Дали сега е јасно кои се предавниците?“,
пишува лидерот на СДСМ во објава социјалната платформа Икс.
По вчерашната изјава на Тимчо Муцунски дека НАТО е феноменална работа (иако ВМРО не сакаше да гласа за тоа), сега и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот национален идентитет!
— Venko Filipce (@VFilipche) May 13, 2026
Дали е ова доволен доказ дека СДСМ е… pic.twitter.com/LG5hUXb6jN
Според фотографијата од наслов на напис во весник, што Филипче ја сподели во објавата, тој се повикува на дел од ставовите што претседателката на државата ги кажа во интервју за Македонското радио по повод две години од стапувањето на функцијата.
Имено, Сиљановска-Давкова говорејќи за условите што ѝ се поставуваат на државата на нејзиниот евроинтегративен пат, наведува дека му предочила на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта дека прашањето за македонската историја, култура и јазик е апсолвирано, што тој од своја страна го пренел и во Софија, а во контекст дека се потребни гаранции за земјава дека нема да има нови барања на нејзиниот пат кон Европската Унија (ЕУ).
Во тој контекст, претседателката се осврнува на Преспанскиот договор, велејќи дека за неа тој останува реалност.
„Иако многу пати сум рекла дека Преспанскиот договор беше и останува за мене, не само реалност, туку беше спротивен на меѓународното право, но и на македонското национално право, но, нели, се изгласаа промените во Собранието, дека ако веќе секој кој доаѓа кај мене со реченицата ‘pacta sunt servanda’, во смисла дека договорите и Преспанскиот и Договорот за пријателство и добрососедство во Бугарија важат и ние треба да ги спроведуваме, се разбира дека прво нотирам дека во членот седум на Преспанскиот договор, пишува дека за втората, таа безимената страна, замислете договор во кој што нема нотирано субјект, секој може да биде втора страна, дека значи не само географија, односно територија, туку народ со сопствена историја, култура и јазик“,
вели Сиљановска -Давкова во интервјуто.

Во врска со изјавата на шефот на дипломатијата за НАТО, Филипче најверојатно се реферира на интервјуто на Муцунски за „Еуроњуз“, во кое вели дека Алијансата никогаш не била посилна од сега, а за тоа дел од заслугите му ги препишува на американскиот претседател Доналд Трамп, за неговото инсистирање сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП до 2035 година, како што беше договорено на Самитот на НАТО во Хаг.
„Ова е многу амбициозна агенда, но и многу неопходна, имајќи ги предвид не само заканите од руската агресија врз Украина, која сè уште трае, туку и заканите во Индо-пзцифико и на Блискиот Исток“,
рече Муцунски, додаваќи дека претседателот на САД му дал на НАТО „повик за будење“.
Во освртот на интервјуто, „Еуроњуз“ наведува дека за Муцунски приклучувањето кон НАТО-алијансата во 2020 година било позитивно за Македонија.
„Тоа ѝ ја даде на државата многу потребната стабилност во регионот кој е исклучително нестабилен…НАТО е без сомнение најсилната колективна безбедноста заеддница што цивилизацијата ја познавала и веројатно (некогаш) ќе ја познава“,
изјави шефот на македонската дипломатија.
Инаку, опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се препукуваат околу прашањето за уставните измени, како услов земјата да го продолжи патот за членство во Европската Унија.
Филипче и партијата што ја предводи се на став дека уставните измени за внесување на Бугарите треба да се спроведат, обвинувајќи ја владејачката партија дека намерно го блокира процесот поради свои лукративни причини. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвинуваат својот политички ривал дека се ставил во служба на Софија и наместо да ги штити ги предава македонските национални интереси.
