„Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар е потврдено дека станува збор за диво животно од видот волк“, се вели во соопштението од АХВ
Од Зоолошка градина на Град Скопје на Фејсбук објавија дека животното не е чипирано, тежи околу 25 килограми и дека станува збор за млад волк, кој бил неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Оттаму додаваат дека од стручните служби била земена крв од животното за биохемиска анализа и дополнителни испитувања
Животното што вчера беше заловено во скопската населба Козле е волк, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по вонредниот надзор што доцна попладнево го спровел официјален ветеринар на институцијата во Зоолошката градина во Скопје, каде што е згрижено животното.

Дека станува збор за волк, а не куче или мешанец, соопштија и од Зоолошката во Скопје.
„Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доцна попладнево спроведе вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде што вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле. Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк“,
се вели во соопштението од АХВ.
Оттаму додаваат дека дополнително ќе се утврдува и тековниот здравствен статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки со него.
Од Зоолошката градина на Град Скопје, преку објава на Фејсбук, соопштија дека по детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, било потврдено дека животното заловено во Козле е волк, а не куче или мешанец.
Оттаму велат дека во текот на денот во зоолошката во Скопје дошле и сопственици на куче по име Сириус, од расата чехословачки волчјак, по кое трагаат веќе два месеци. Тие на самото место се увериле дека не станува збор за нивното куче, туку за волк.
„Животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби беше земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Во Зоолошката градина на Град Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк (Canis lupus)“,
се вели во објавата од скопската зоолошка.

Дополнително, велат оттаму, контактирани се експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење.
Од скопската зоолошка градина апелираат до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформации, туку заедно да се работи на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленици, врзани со синџир.
„ЗОО Скопје ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни постапки“,
се додава во објавата.
За потсетување, од скопската зоолошка градина денеска претпладне соопштија дека во текот на вчерашната вечер, во скопската населба Козле, е заловен волк кој слободно се движел со синџир и ременче околу вратот.
Оттаму велат дека станува збор за диво животно кое некој незаконски го чувал како домашен миленик.
По ова, на социјалните мрежи следеа објави дека заловеното животно е чипирано домашен милениче куче, а не волк, кое сопственикот бара да му биде вратено. Ваквите наводи беа негирани од надлежните институции.
