Од Зоолошката градина информираат дека волкот во моментов е згрижен и ќе му биде овозможена соодветна нега

Во текот на вчерашната вечер, во скопската населба Козле, бил заловен волк кој слободно се движел со синџир и каивче околу вратот. Од скопската Зоолошка градина велат дека станува збор за диво животно кое некој незаконски го чувал како домашен миленик.
По пријава на загрижени граѓани, на терен прво интервенирале припадници на МВР, а веднаш потоа и стручни екипи од Зоолошката градина и претставници на Градот. Животното било успешно заловено и безбедно транспортирано во просториите на ЗОО Скопје.
Од Зоолошката градина информираат дека волкот во моментов е згрижен и ќе му биде овозможена соодветна нега.
„Претстојниот период волкот ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица. За среќа, ситуацијата заврши без последици бидејќи станува збор за питомо и мирно животно“,
велат од ЗОО Скопје.
Оттаму упатија апел до јавноста дека чувањето диви животни во заробеништво е забрането и исклучително опасно, бидејќи тие имаат свои природни инстинкти кои не можат да се задоволат во домашни услови.
„Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови“, велат од ЗОО Скопје.
За ситуацијата со волкот реагираше и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој ја осуди неодговорноста на поединци кои го загрозуваат јавниот ред и безбедноста на граѓаните.
„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина. Очекувам институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот“,
напиша Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук-профил.
Надлежните апелираат до граѓаните веднаш да пријават доколку забележат какво било нелегално чување на диви животни, со цел да се спречат слични инциденти во иднина.
