Од Агенцијата демантираат дека дале изјава за видот на животното, нагласувајќи дека допрва ќе се утврдува дали е куче или волк, како и неговата здравствена состојба
На социјалните мрежи, пак, има објави дека заловеното животно е чипиран домашен миленик куче, кое сопственикот бара да му биде вратено
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најави дека во текот на денот ќе се спроведе вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина во Скопје со цел да се утврдат видот и здравствениот статус на животното што вчеравечер е заловено во скопската населба Козле.

„Од официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус“,
се вели во соопштението од Агенцијата.
Оттаму ги демантираат наводите објавени во дел од медиумите дека од страна на АХВ е утврдено оти заловеното животно е чипиран домашен миленик куче.
Во соопштението на АХВ се наведува и дека институцијата не дала таква изјава во врска со случајот.
Од скопската Зоолошка градина денеска соопштија дека во текот на вчерашната вечер, во скопската населба Козле е заловен волк кој слободно се движел со синџир и каивче околу вратот.
Оттаму велат дека станува збор за диво животно кое некој незаконски го чувал како домашен миленик.
Од Зоолошката градина информираат дека волкот во моментов е згрижен и ќе му биде овозможена соодветна нега.
По ова, на социјалните мрежи следат објави дека заловеното животно е чипиран домашен миленик куче, а не волк, кое сопственикот бара да му биде вратено.
