Според премиерот, СДСМ го изгубил својот идентитет и начин на дејствување, додавајќи дека со тој проблем партијата наскоро ќе се соочи на избори
Од опозицискиот СДСМ денеска упатија обвинувања кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, оценувајќи дека најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија се наоѓа токму во нивните редови
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) дека ВМРО-ДПМНЕ е бугарофилска партија, изјави дека неговата партија е промакедонска и оти тоа е нејзин главен приоритет.

Според него, СДСМ го изгубил својот идентитет и начин на дејствување, додавајќи дека со тој проблем партијата наскоро ќе се соочи на избори.
Мицкоски рече дека раководството на СДСМ секојдневно излегува со некултурни изјави, кои постојано ги менуваат.
„Не можам да го коментирам тоа зашто утре нешто друго ќе речат. Претпоставувам ќе измислат некоја друга придавка. Раководството на СДСМ генерално, секој ден кажува работи што прво се некултурни, а второ, тоа што го соопштуваат во јавноста во текот на денот неколкукратно го менуваат. Претпоставувам до вечер ќе бидеме некоја друга ‘филска‘ партија“,
рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања по увидот на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е промакедонска партија, а дека СДСМ го изгубил својот идентитет.
„Ние сме промакедонска партија и тоа нас нè интересира. Тоа што тие го загубија својот идентитет е нивен проблем, со кој многу скоро ќе се соочат на избори“,
кажа Мицкоски.

Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска упатија обвинувања кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, оценувајќи дека најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија се наоѓа токму во нивните редови.
„Кога организираната криминална група ВМРО-ЗНАМ почнува да зборува ‘бугарофили‘ за СДСМ, тоа е класичен случај на проекција, најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија се наоѓа токму во нивните редови“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Од партијата велат и дека дел од политичките претставници во власта имаат бугарско државјанство, што го отвора прашањето за нивните политички позиции и влијанија.
„Половина од оваа тендер-коалиција која ја сочинува актуелната влада и пратеничката група на ВМРО-ЗНАМ има бугарски пасоши. Дури и семејството на Мицкоски има бугарски пасоши. Министри, пратеници, директори на јавни претпријатија – сите со црвени пасоши на ЕУ. Тие не се бугарофили. Тие се Бугари со македонско државјанство кои ја користат државата за свои лични интереси. А сега, истите тие кои имаат бугарски пасоши, не сакаат да ги внесат малцинствата во Уставот за да продолжиме кон ЕУ“,
пишува во соопштението.
СДСМ ја обвинува власта дека ја блокира европската агенда на државата, што е спротивно на интересите на граѓаните и процесот на приближување кон Европската Унија.
„За вас Европа се туѓи интереси, затоа што Македонија не ја гледате како своја земја, туку како своја вреќа со пари што ја черупате. Вие сте тие кои имаат бугарски пасоши, а се претставувате како ‘големи патриоти‘. Вие сте тие кои ја блокираат Европа за да ја заштитат својата криминална империја“,
додаваат од опозициската партија.
Од партијата порачаа дека нивната политика останува насочена кон реформи, правда и европска интеграција.
