Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а температурите ќе бидат во опаѓање

Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд е прогнозата за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Локално ќе има услови за краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Во западните делови од земјата ќе дува западен, а вдолж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Утринската температура ќе биде од пет до 11 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од 13 до 24 степени.
И во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно и посвежо време. Во делови од котлината ќе има услови за повремен дожд, а ќе дува и слаб до умерен ветер од северен правец. Температурата ќе се движи од девет степени наутро до 20 во текот на денот.
За утре синоптичарите најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има услови за локален пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 24 степени.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови наместа ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурите ќе бидат во опаѓање.
