Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, смета дека е добро одземањето на мобилните телефони да се практикува и во средните училишта и за тоа рече дека ќе разговараат со сите директори на средните училишта

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави лиценцирање на училишните психолози за да може да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки.
Јаневска вели дека од Комората на психолозите ќе побара да организира додатни обуки за психолозите бидејќи едни учеле по стари, а други по нови програми.
„Ќе го зајакнеме приправничкиот испит затоа што таму се неопходни промени и, дополнително, ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки. Лиценцирањето ќе се однесува за целокупната нивна работа. Постојат и други алатки што ние ги применуваме“,
рече Јаневска пред почетокот на националниот натпревар на вештини 2026, во организација на Занаетчиската комора – Скопје.
Во врска со случаите на педофилија кај наставници, Јаневска изјави дека во образованието има многу проблеми, но, рече, овој е еден од најтешките и оти се преземаат мерки за справување.
По случаите, кои се познати во јавноста, Јаневска рече дека постапил Државниот просветен инспекторат и е пријавено и во полиција и во јавните обвинителства.
„Сè што е забележано им се пријавува на соодветните институции“,
рече таа.
По најавата за воведување дежурство на наставници во училишните ходници и во дворовите за обезбедување мирна средина, Јаневска посочи дека тоа не е нов облик и оти во некои училишта тоа функционирало.
„Но, во многу училишта не функционира. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја, но и во странство. Тие се луѓето одговорни за однесувањето на учениците и за мирната средина во училиштето. Но, сакам да нагласам дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија во училиштата, па затоа не е одговорноста само на наставниците, на целото општество, и треба да се работи и со родителите и со социјалните служби. Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни“,
додаде Јаневска.
Министерката посочи дека во најголем дел од училиштата веќе се спроведува мерката за одземање на телефоните на почетокот на наставата.
Телефоните, рече таа, ќе може да се користат само со посебна дозвола од наставникот доколку тоа е неопходно за наставниот процес.
„Сметам дека овој начин за справување со мобилните телефони во училиштата е добар. Проблем е што учениците ги добиваат телефоните од родителите, надвор од училиштата, и тогаш тие неконтролирано се користат“,
рече Јаневска.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, смета дека е добро одземањето на мобилните телефони да се практикува и во средните училишта, и рече оти за тоа ќе разговараат со сите директори на средните училишта.
„Онаму каде што ќе има потреба да се користат и е во согласност со наставата, таму ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа и министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот“,
додаде тој.
Ѓорѓиевски најави дека за 15 дена ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта, што ќе биде соработка на надворешен оператор со Град Скопје.
Тој се согласи со министерката Јаневска дека проблемот не се случува единствено во училиштата, туку тие појави, рече, ги има и при вандализирање детски катчиња и урбана опрема во градот.
„Ако сакаме на долг рок да ги решаваме проблемите, треба да развиеме стратегија, која ќе донесе позитивни ефекти. Коренот треба да го бараме во семејствата и најпрвин таму да се посвети внимание, да видиме од каде потекнуваат агресијата и девијантното однесување на поединец или на група, паралелно да се работи со семејствата и професорите, но многу треба да се работи со децата, и во основните и во средните училишта“,
изјави Ѓорѓиевски.
