При контролата, за која скопскиот градоначалник рече дека е прва откако жичницата е поставена во подножјето на Водно, се утврдени низа недостатоци кои треба да бидат сервисирани во наредниот период. Ѓорѓиевски обвини дека моментната состојба на жичницата се должи на неодговорното однесување на неговите претходници
Жичницата на Водно е во катастрофално лоша состојба – изјави вчера градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по направената контрола од страна на компанијата „Допелмаер“, која е изведувач на жичницата.

При контролата, за која скопскиот градоначалник рече дека е прва откако жичницата е поставена во подножјето на Водно, се утврдени низа недостатоци кои треба да бидат сервисирани во наредниот период. Обвини дека моментната состојба на жичницата се должи на неодговорното однесување на неговите претходници.
„Во соработка со директорот на ЈСП, Саше Илиески, веќе побаравме понуда за да видиме колку ќе ги чини претпријатието и Градот сè она што би значело целосна дефектажа и враќање на жичницата во состојба во која ќе бидам пред сè сигурен дека секое дете, секој граѓанин на Градот Скопје ќе биде сигурен кога ќе ја користи“,
изјави вчера Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарски прашања.
Градоначалникот не прецизира колкав временски период жичницата ќе биде надвор од употреба, и покрај првичните најави дека нема да биде функционална до крајот на летото. Ќе биде затворена до оној момент додека, како што рече, целосно не се утврди дека е безбедна за користење.
„Не ни треба ново Кочани или не дај Боже каква било трагедија после која ќе треба да се освестуваме повторно и да дејствуваме. Немам точна информација до кога нема да работи бидејќи имаме побарано и финансиска пресметка од компанијата ‘Допелмаер’, но ќе треба да ни достават и план на активностите. Веднаш штом ги добиеме понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, веднаш ќе ја информираме јавноста“,
изјави Ѓорѓиевски.
