Поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, смета дека треба да им се поднесе кривична пријава на членовите на Кризниот штаб кои, според неговата оцена, како лекари, не ја извршиле својата должност и не ги предупредиле граѓаните за сериозноста на состојбата со ковид-19 и го довеле во опасност нивното здравје. Тој смета дека кривично треба да се гонат и актуелниот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ бидејќи го лажеле народот.
„Дури и мене ме измамија. Не мислев дека ситуацијата е толку катастрофална“,
признава Тадиќ во интервјуто за утринската програма на телевизијата Нова С.
Според него, со своите конкретни постапки, членовите на Кризниот штаб, наместо лекари професионалци, станале членови на политичкиот тим на Александар Вучиќ.
„Вучиќ ја инструментализираше целата епидемиолошка состојба за да организира избори, лажејќи ги граѓаните дека ситуацијата е добра, а короната е совладана. Но, само еден ден по изборите, еден од членовите на Кризниот штаб, доктор Предраг Кон, изјави дека наеднаш скокнал бројот на заразени. Тоа изгледа се случувало и во деновите пред изборите, но поради колаборација со Вучиќ, од чисто политички причини, тој тоа не смеел да го каже. Тоа е скандал над скандалите. Треба да им се поднесе кривична пријава и сите тие да одговараат“,
вели поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ.