Согласно владината Уредба, од денеска и рестораните можат да работат во внатрешноста на објектот, додека трговските центри може да работат и во недела
Угостителските објекти од денеска можат да работат и во внатрешноста, со соодветен протокол, а се дозволува и работа на фитнес-центрите. Трговските центри, пак, ќе можат да работат и во недела, согласно со Уредбата што ја донесе Владата во вторникот, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.
Согласно протоколите за работа, вработените во угостителските објекти задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Во просторот за послужување на гости, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метри со соседните маси во сите правци.
На една маса со четири столови може да седат и да се послужуваат максимум две лица или четири лица доколку се од исто семејство. Дозволен е максимален број на 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри. Задолжително треба да биде поставено дезинфекциско средство за раце на секоја маса. Забрането е организирање прослави (свадби, родендени, крштевки).
При организирањето на игри на среќа во автомат-клубовите, бројот на лица е ограничен, односно најмногу едно лице може да биде присутно на пет квадратни метри, а на влез задолжително треба да има редарска служба која ќе врши дезинфекција на раце на сите лица кои влегуваат во објектот, контрола на заштитна опрема (заштитни маски). Заштитната опрема е задолжителна при влегување и движење низ објектот. Во објектот е задолжително одржување дистанца од најмалку 1,5 метар, а во случај на помало растојание задолжително треба да се користат пластични, стаклени или слични прегради, паравани и слично.
Слични услови има и за организирање на игри на среќа во казина, со тоа што редарската служба ќе врши контролирано пропуштање на лица во објектот со запазување дистанца од најмалку два метра до рецепцијата на казиното.
