Советничката Мирјана Стеваноска обвини дека личните и теснопартиските интереси сè почесто се ставаат пред интересите на Прилеп и прилепчани. Рече дека ваквиот начин на функционирање за неа е неприфатлив и затоа одлучила да дејствува самостојно, слободно и принципиелно, без политички притисоци, калкулации и без должнички односи кон кого било освен кон граѓаните на Општина Прилеп
Единствената советничка на движењето ЗНАМ во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, објави дека го напушта мнозинството во Советот и дека од денеска ќе дејствува независно. Таа ова го објави на почетокот на денешната седница на Советот на Општина Прилеп велејќи дека одлуката ја донела водејќи се од најдобриот интерес за Прилеп и прилепчани.

Стеваноска беше носителка на советничката листа на ЗНАМ во Општина Прилеп на минатогодишните локални избори и влезе во Советот како единствена советничка од редовите на оваа партија.
„Пред неполна година граѓаните ми ја дадоа својата доверба, која за мене никогаш не беше партиска сопственост – напротив, беше огромна обврска – да бидам гласна, достоинствена и чесно да ги застапувам интересите на граѓаните. Во изминатиот период покажав дека не прифаќам политика на молк, слепо гласање и немо одобрување на однапред договорени одлуки. Верувам дека советникот не треба да биде декор во политички театар, туку активен и принципиелен глас на граѓаните. За жал, сведоци сме дека наместо аргументирана дебата и суштинска расправа, Советот сè почесто се претвора во место за формално потврдување на политички интереси, и тоа само на една политичка опција. Политика без став е молк. Функција без интегритет е само поволност, а довербата од граѓаните, е тоа е обврска која никако не смее да биде изневерена“,
изјави Стеваноска на почетокот на денешната седница на Советот на Општина Прилеп.
Таа обвини дека личните и теснопартиските интереси сè почесто се ставаат пред интересите на Прилеп и прилепчани. Рече дека ваквиот начин на функционирање за неа е неприфатлив и затоа одлучила да дејствува самостојно, слободно и принципиелно, без политички притисоци, калкулации и без должнички односи кон кого било освен кон граѓаните на Општина Прилеп.
„Не сум послушна, не сум сервилна, не можам да молчам и не можам да трпам некој да ми наметнува мислења, ставови, а уште помалку некој да ми диктира како да се однесувам и што да говорам“,
рече советничката.
Стеваноска очекува нејзината одлука да биде критикувана од многумина, а нејзината доскорешна партија од неа да побара да си поднесе оставка и да го отстапи местото на следниот од листата на ЗНАМ, но:
„На сите јасно и гласно, гледајќи ги во очи, им кажувам дека такво нешто нема да се случи. Не затоа што мене ми е важно да го задржам местото овде, туку за да не дојде друг кој ќе биде политички послушник и немо ќе ги следи седниците на овој совет. Мојата лојалност нема да биде насочена кон центрите на моќ туку кон граѓаните.“
Како независна советничка, Стевановска рече дека ќе реагира гласно на секоја неправда, незаконитост или штетна одлука, да ќе поддржи сè што е во интерес на граѓаните, без разлика од каде доаѓа.
