Во однос на забелешките што беа укажани од Државниот завод за ревизија, Клековски вели дека се преземени мерки и секој случај на лекување во странство се затвора индивидуално

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) води 11 спорови со германска болница во Фленсбург каде што порано биле испраќани случаи за трансплантација на матични клетки, вели директорот Сашо Клековски.
Тој вели дека минатата година имало околу 290 случаи на лекување во странство за што биле одвоени околу седум милиони евра, но оти споровите што се водат се за стари случаи.
„Судските спорови на Фондот се стари и врзани се една болница во Фленсбург во Германија, каде што во подамнешно минато се испраќани најчесто хематолошки случаи за трансплантација на матични клетки. Бидејќи тоа било редовна пракса во тоа време, не се собирале меѓусебните сметки и во еден момент Фондот прекинува да испраќа на лекување во таа болница и настануваат разлики. Со таа болница се водат 11 судски спора во германските судови, ние ги очекуваме исходите“,
рече Клековски во синоќешното гостување во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма.
Во однос на забелешките што беа укажани од Државниот завод за ревизија, Клековски вели дека се преземени мерки и секој случај на лекување во странство се затвора индивидуално.
„По враќањето од странство се контролира фактурата и описот на извршените услуги и побаруваме да се достави отпусното писмо од болницата за да се потврди дека таков зафат навистина е направен. Се затвораат случај по случај, така што нови недоразбирања со болниците не можат да настанат по таа основа“,
рече Клековски.
Според него, она што недостасува во лекувањата во странство е добивање завршно мислење од конзилиумот што ги испратил пациентите, како фидбек како е направена интервенцијата.
„Најчесто станува збор за хируршки интервенции за да имаме повратна информација со која успешност се справуваме со проблемите и да може да го градиме кредибилитетот на тие установи“,
додаде тој.
