Нападите на Израел врз Либан се случуваат додека Иран и САД велат дека се приближуваат кон договор за прекин на конфликтот
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека цел на Одбранбените сили на земјата (ИДФ) бил командант на силите Радван на Хезболах, кого не го именува
Израелската војска денеска изврши напади врз јужните предградија на главниот град на Либан, Бејрут – први откако на 17 април стапи во сила примирјето меѓу двете соседни земји на Блискиот Исток, пренесоа светските медиуми.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека цел на Одбранбените сили на земјата (ИДФ) бил командант на силите Радван на Хезболах, кого не го именува.
„Израелската армија изврши напади во Бејрут чија цел беше командантот на силите Радван на Хезболах, во обид да го неутрализира. Оперативците на Радван, под негова команда, беа одговорни за пукање врз израелските заедници и за напади врз израелските војници“,
се вели во заедничката изјава на Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Израел Кац, која ја пренесува „Гардијан“.
Израелските медиуми објавија дека неименуваниот командант е убиен во нападот, но засега нема потврда и коментар од Хезболах.
Инаку, прекинот на огнот меѓу Израел и Либан беше дел од поширокиот прекин на огнот меѓу САД и Иран, а прекинот над израелските напади врз Либан беше едно од клучните барања на Техеран.
Нападите на Израел врз Либан се случуваат додека Иран и САД велат дека се приближуваат кон договор за прекин на конфликтот.
Израелскиот премиер претходно изјави дека подоцна денеска ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во врска со тековните преговори меѓу Соединетите Држави и Иран за ставање крај на војната.
Инаку, како што наведува „Гардијан“, и покрај прекинот на огнот, Израел продолжи да спроведува обемни воздушни и артилериски напади врз јужен Либан тврдејќи дека тие се насочени против Хезболах. Во нападите, според извештаите на светските медиуми, убиени се десетици лица, а голем број жители на јужниот дел на Либан беа принудени да ги напуштат своите домови.
Истовремено Хезболах соопшти дека во знак на одмазда продолжил да возвраќа на израелските напади врз овој дел од Либан, обвинувајќи го Тел Авив за кршење на примирјето.
Претседателот на либанскиот парламент Небих Бери денеска за катарската телевизија Ал Џезеира изјави дека секој договор со Израел треба да биде поткрепен со гаранции бидејќи Тел Авив го прекршил договорот за прекин на огнот и покрај посветеноста на Хезболах кон него.
Бери изјави дека министерот за надворешни работи на Иран потврдил дека Либан ќе биде дел од секој договор што ќе го постигнат Соединетите Држави за завршување на војната и додаде оти се надева дека преговорите меѓу САД и Иран наскоро ќе резултираат со позитивен исход.
