„Под претпоставка дека Иран се согласува да го даде она што е договорено, што е, можеби, голема претпоставка, веќе легендарниот ‘Епски бес’ (военото име на операцијата на САД врз Иран) ќе биде завршен, а високоефикасната блокада ќе овозможи на Ормускиот Теснец да биде отворен за сите, вклучително и за Иран. Ако не се согласат, бомбардирањето ќе започне, и тоа ќе биде, за жал, на многу повисоко ниво и интензитет отколку што беше порано“, напиша американскиот претседател на неговата социјална платформа
Портпаролот на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент, Ебрахим Резаи, го отфрли извештајот на „Аксиос“ дека САД и Иран се блиску до меморандум за завршување на војната, наведувајќи дека повеќе станува збор за американска листа на желби, а не реалност, додека пак портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, за иранската новинска агенција Исна изјави дека предлогот на САД сè уште се разгледува од Техеран
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати нов ултиматум до Техеран наведувајќи дека војната може брзо да заврши и Ормускиот Теснец да биде отворен доколку Иран се согласи на условите за примирје на Соединетите Американски Држави.

Во спротивно, вели Трамп во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social), Иран ќе се соочи со нов бран бомбардирања од страна на САД, кое ќе биде на многу повисоко ниво и интензитет во споредба со претходните.
„Под претпоставка дека Иран се согласува да го даде она што е договорено, што е, можеби, голема претпоставка, веќе легендарниот ‘Епски бес’ (военото име на операцијата на САД врз Иран) ќе биде завршен, а високоефикасната блокада ќе овозможи на Ормускиот Теснец да биде отворен за сите, вклучително и за Иран. Ако не се согласат, бомбардирањето ќе започне, и тоа ќе биде, за жал, на многу повисоко ниво и интензитет отколку што беше порано“,
напиша американскиот претседател.
Објавата на Трамп на социјалните медиуми, како што наведува „Гардијан“, е најновата во серијата негови драматични и честопати контрадикторни објави во однос на војната на Блискиот Исток, кои доаѓаат во кратки временски интервали. Таа доаѓа среде медиумските извештаи во кои се тврди дека е постигнат напредок во преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Имено, претходно денеска порталот „Аксиос“ објави дека Вашингтон и Техеран се блиску до договор за меморандум за разбирање од една страница кој треба да резултира со завршување на војната.
Порталот со седиште во САД објави дека Вашингтон очекува од Иран да одговори на неколку клучни точки во следните 48 часа и дека иако сè уште ништо не е договорено ова е најблиску што двете страни биле до договор откако започна војната.
Портпаролот на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент, Ебрахим Резаи, го отфрли извештајот на „Аксиос“ дека САД и Иран се блиску до меморандум за завршување на војната, наведувајќи дека повеќе станува збор за американска листа на желби, а не реалност.
„Американците нема да го добијат во изгубена војна она што не успеаја да го постигнат во преговорите лице в лице. Иран го држи прстот на орозот и е подготвен. Ако не се предадат и не ги направат потребните отстапки, или како тие и нивните слуги се обидат да направат некаква штета, ние ќе одговориме со суров и тажен одговор“,
наведува Резаи во објава на социјалната платформа Икс која ја пренесуваат медиумите.
Со поблага реторика, на извештајот одговори и портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, кој за иранската новинска агенција Исна изјави дека предлогот на САД сè уште се разгледува од Техеран.
„Откако Иран ќе ја заврши својата процена, ќе ги пренесе своите ставови на пакистанската страна“,
објави Исна додавајќи дека барањата на САД детално опишани во извештајот на „Аксиос“ вклучуваат прекумерни и нереални барања кои беа силно отфрлени од иранските претставници во последните денови.
Според новинската агенција, иранскиот преговарачки тим само го разгледува прекинот на војната, додека прашањето за нуклеарната програма не се дискутира во моментов.

Инаку, порталот „Аксиос“, повикувајќи се на американски функционери, објави дека Вашингтон очекува Техеран да одговори на неговиот предлог во рок од 48 часа. Меѓу точките во него е и обврската на Иран за мораториум на збогатувањето на ураниум.
Најновиот развој на настаните доаѓа откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го паузира „Проектот слобода“ за деблокада на Ормускиот Теснец за да може да финализира договор со Иран, но додаде дека неговата блокада на иранските пристаништа ќе остане во сила.
На својата социјална платформа тој напиша дека паузата е за краток период за да им даде простор на напорите на САД да финализираат договор со Иран за ставање крај на војната.
