Од партијата тврдат дека мала група околу Али Ахмети ја има приватизирано ДУИ и ги користи активистите како „топовско месо“ за да се врати до власта

Коалицијата ВЛЕН во денешното соопштение упатува обвинувања до ДУИ, нарекувајќи ги нивните реакции „стари филмови“. Според ВЛЕН, нападите кон Изет Меџити се резултат на немоќта на ДУИ да се соочи со реалноста по нивното заминување во опозиција.
„Партијата од ’Соравија’ и милионерите од Мала Речица не можат да го поднесат редот во Чаир“,
велат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН потенцираат дека политичката тежина на Изет Меџити доаѓа директно од граѓаните, а не од партиските кабинети.
„Изет Меџити не е производ на канцеларии и милувања од Али Ахмети. Тој има мандат од Албанците, како градоначалник и пратеник. Со глас, со терен, со луѓе“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.
Во соопштението директно се споменуваат Бујар Османи, Блерим Беџети и Фатмир Бесими, за кои од ВЛЕН велат дека се луѓе што политиката ја гледаат само преку „тендери и личен комодитет“.
ВЛЕН објави број на денови поминати на функција на кадрите на ДУИ. За Бујар Османи велат дека бил министер 3 700 дена, а Блерим Беџети над 5 500 дена е на функции.
„Сѐ уште зборуваат за ’заштита на Албанците’. ДУИ, Албанецот го гледа само како број за глас, додека функциите како семејно наследство“,
додаваат од ВЛЕН.
Од партијата тврдат дека мала група околу Али Ахмети ја има приватизирано ДУИ и ги користи активистите како „топовско месо“ за да се врати до власта.
„ДУИ ја боли Изет Меџити, затоа што заедно со народот ги испрати во опозиција. Тие сѐ уште сонуваат за времето на Груевски, Будимпешта им изгледа како адреса за спас, додека Мијалков го паметат како златен партнер на владеењето“,
се додава во соопштението.
Потсетувајќи на резултатите од локалните избори каде ВЛЕН победи во 10 општини, од коалицијата порачуваат дека времето на ДУИ е завршено и дека нивната демагогија веќе не поминува кај гласачите.
Денеска од Демократската унија за интеграција упатија критики до градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, обвинувајќи го за узурпација на политичкиот простор.
Според соопштението на ДУИ, Меџити се обидува да се претстави како политичка промена, иако, како што велат оттаму, неговото минато говори за спротивното.
Од ДУИ велат дека неговата структура функционира врз база на семејна лојалност и крвна поврзаност, слична на мафијашки кланови.
