Во врска со најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека набрзо ќе има избори, лидерот на ЗНАМ вели дека за ова прашање не е разговарано внатре во коалицијата и дека лично не очекува дека ќе има избори годинава
Тој ја донесе оваа одлука и слободен му е патот. Во политиката е секој со свој крст, но ако имате минимум политичка и морална одговорност, сепак, треба да им го вратите мандатот на тие што ви го дале, а тоа се граѓаните.
Ова во интервју за телевизија Телма вечерва го изјави лидерот на движењето За наша Македонија, Максим Димитриевски, коментирајќи го заминувањето на пратеникот Миле Цеков од пратеничката група на ЗНАМ и од владејачкото мнозинство, како и одлуката да дејствува како независен пратеник во Собранието.

„Пратеникот Цеков подолг временски период не учествува во работата ни на Извршниот ни на Централниот одбор на ЗНАМ и беше евидентно дека нешто се случува. Тој не е избркан ниту исклучен од партија, ЗНАМ не исклучува свои членови, а не пак пратеници. Во политиката е секој со свој крст, но ако имате минимум политичка и морална одговорност, сепак, треба да го вратите мандатот на тие што ви го дале, а тоа се граѓаните“,
изјави лидерот на ЗНАМ.
Тој додава дека кога ги составувале пратеничките листи, од ЗНАМ одлучиле да им дадат шанса на млади луѓе, меѓу кои и Цеков, кој, како што вели Димитриевски, во тој период бил жесток критичар на поранешната власт. Но сега, додава лидерот на ЗНАМ, се забележува брза промена на ставовите.
„Цеков треба да му го објасни потегот на својот електорат бидејќи е дојден на позицијата како кандидат на ЗНАМ“,
вели Димитриевски.
Прашан да ги прокоментира причините што Цеков ги наведе за заминување од парламентарното мнозинство, односно, како што рече, состојбите во државата поврзани со корупцијата, селективната правда и нефункционалноста на институциите, Димитриевски вели:
„Па, видете, ако нешто ја претставува оваа власт овие изминати две години, тоа е едно – дека има минимален број корупциски скандали и афери кои во најголем дел се решаваат, што во минатото не можеше да се види. Еве, денеска видовме една пресуда (за случајот со ИПАРД) која по брза постапка доби свој епилог.“
Во врска со најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека набрзо ќе има избори, лидерот на ЗНАМ вели дека за ова прашање не е разговарано внатре во коалицијата и дека лично не очекува дека ќе има избори годинава.
„Не е разговарано во оваа тема, но сепак тоа е до мнозинството во Собранието, а мнозинството го држи ВМРО-ДПМНЕ. Тие имаат 58 пратеници и во секој момент може да повикаат на предвремени избори. Ако има, ЗНАМ ќе учествува бидејќи како нов политички субјект кој поминува една фаза на ферментација или политичко зреење, ни одговара да има избори за во континуитет да се проверуваме какви сме и до каде сме во очите граѓаните“,
вели лидерот на Движењето За наша Македонија во интервјуто за Телма.
