Во оваа смисла, првиот вицепремиер и министер за европски прашања рече дека земјава добила признание од Европската комисија дека има побрзорастечко темпо во спроведувањето на реформите во однос на другите држави во регионот
Се прават напори земјава да ги добие средствата од Планот за раст што ќе останат неискористени од Србија, Косово и Босна и Херцеговина – изјави првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали на денешната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

„Правилото е едноставно – кој испорачува реформи добива повеќе средства, кој ги губи позициите ги губи и средствата, а реформите ќе мора да ги реализира за еден ден да стане членка на ЕУ. Европската комисија јасно укажува дека средствата можат да се пренасочат кон земји кои се понапред од оние што заостануваат“,
изјави првиот вицепремиер и министер за европски прашања.
Во оваа смисла, Сали рече дека земјава добила признание од Европската комисија дека има побрзорастечко темпо во спроведувањето на реформите во однос на другите држави во регионот.
„Се сметаме дека сме втора држава, се бориме со динамиката на Црна Гора иако знаеме дека Црна Гора трета година по ред е многу брза во однос на чекорите што ги прифати од европската агенда. Ние имавме избори, па локални избори, и застој во реформската агенда и затоа сега засега сме втори, но се бориме средствата што ќе останат неискористени од Србија, Косово и Босна и Херцеговина да се пренасочат кон нас“,
изјави Беким Сали.
Клучното прашање, додава тој, не е дали имаме средства, туку како да станеме побрзи во регионот.
