Вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи, информира дека обвинителството ја затворило истрагата „Пациент“ која ја отвори СЈО против него бидејќи оценило дека нема ништо незаконско.
„Вистината конечно стигна до правдата! Сите шпекулации и лажни обвинувања кон мене во случајот „Пациент“ завршија. Онака како што постојано тврдев, по разгледување на сите приложени докази, Јавното обвинителство ја заклучи истражната постапка и оцени дека нема ништо незаконско во моето работење. Сакам да им се заблагодарам на моите најблиски, на мојата фамилија, на моите пријатели за довербата која ја имаа низ целиот овој период. Благодарност и за моите колеги, моите соработници за внимателноста и трпението со кое ми оставија и простор и време за да ја докажам мојата правда и мојата правичност“,
напиша Османи на Фејсбук.
Истрагата „Пациент“ која ја отвори СЈО се однесува на периодот кога Османи беше министер за здравство. Овој случај и сите останати, по оставката на Катица Јанева беа преземени од редовното обвинителство.
Во истрагата покрај Османи беа опфатени уште 14 лица, а се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со тендери за градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи.
