Министерот Муцунски упати критика кон начинот на кој ова прашање се третира во соседна Србија квалификувајќи ги одредените најави и информации, како што рече, „обид за политичка естрада“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска информираше дека земјите од регионот, во тесна соработка со Европската Унија и нејзините земји членки, преземаат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона.
Според министерот, веќе се водат интензивни разговори на највисоко и на техничко-административно ниво за воведување олеснувања и за надминување на предизвиците.
„Постои подготвеност од земјите членки на ЕУ да покажат флексибилност кон регионот. Очекуваме во летниот период, кога фреквенцијата е најголема, да се преземат соодветни мерки за намалување на метежот“,
изјави Муцунски.
Тој потенцираше дека сè уште нема официјално потврдени одговори за конкретните решенија, поради што е рано да се споделуваат детали.
Министерот Муцунски упати критика кон начинот на кој ова прашање се третира во соседна Србија квалификувајќи ги одредените најави и информации, како што рече, „обид за политичка естрада“.
„Забележав обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија. Информациите што се пласираат таму треба да се земат со голема внимателност“,
нагласи Муцунски.
Воведувањето на новиот ЕЕС-систем за влез и за излез од земјите на Европската Унија создаде големи метежи на граничните премини бидејќи секое преминување на надворешните граници на шенген-зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) неодамна упати барање до грчкото Министерство за туризам привремено да ја одложи примената на системот ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона, односно во периодот од 1 јуни до 1 септември, за да се избегнат големи метежи и задржувања на граничните премини.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски ги повика македонските граѓани летните одмори да ги поминат на туристичките места во земјава ако и понатаму продолжат метежите на граничните премини, особено кон Грција, по воведувањето на ЕЕС-системот за влез и за излез од Европската Унија.
