Премиерот рече дека се водат одредени разговори во рамките на Европската Унија за надминување на проблемот, но доколку за граѓаните е проблем каде ќе го поминат својот годишен одмор, им препорача тоа да го сторат во земјава
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика македонските граѓани летните одмори да ги поминат на туристичките места во земјава ако и понатаму продолжат метежите на граничните премини, особено кон Грција, по воведувањето на ЕЕС-системот за влез и за излез од Европската Унија.

Мицкоски вели дека се водат одредени разговори во рамките на ЕУ за надминување на проблемот.
„Имаме одредени разговори во рамки на Унијата како би се надминало тоа. Но, ако претставуваат проблем летните годишни одмори – имаме прекрасни езера и планини во Македонија. Ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини, езера и во македонските села затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме бидејќи резервна немаме“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев.
Воведувањето на новиот ЕЕС-систем за влез и за излез од земјите на Европската Унија создаде големи метежи на граничните премини бидејќи секое преминување на надворешните граници на Шенген-зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) неодамна упати барање до грчкото Министерство за туризам привремено да ја одложи примената на системот ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона, односно во периодот од 1 јуни до 1 септември, за да се избегнат големи метежи и задржувања на граничните премини.
