Во официјално обраќање до Министерството за туризам на Република Грција, Комората бара системот да не се применува во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година
Барањето доаѓа по реакциите и укажувањата од туристичкиот сектор во земјава, од каде што се предупредува дека примената на системот во шпицот на сезоната може да предизвика значителни задржувања на граничните премини и чекања од повеќе часови. Тоа, пак, како што велат, би имало директно негативно влијание врз квалитетот на туристичкото искуство на граѓаните, но и врз туристичките агенции, со можни откажувања на веќе резервирани летни аранжмани во Грција
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) упати барање до грчкото Министерство за туризам за привремено одложување на примената на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона.

Во официјално обраќање до Министерството за туризам на Република Грција, Комората бара системот да не се применува во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.
Барањето доаѓа по реакциите и укажувањата од туристичкиот сектор во земјава, од каде што се предупредува дека примената на системот во шпицот на сезоната може да предизвика значителни задржувања на граничните премини и чекања од повеќе часови.
Тоа, според туристичките работниците, би имало директно негативно влијание врз квалитетот на туристичкото искуство на граѓаните, но и врз туристичките агенции, со можни откажувања на веќе резервирани летни аранжмани во Грција, како една од најпосетуваните дестинации за македонските туристи.
„Грција е традиционално најзначајна туристичка дестинација за граѓаните на Македонија, а непречениот проток на патници е од суштинско значење за одржување на стабилноста и развојот на туристичката индустрија. Затоа, бараме разбирање и разгледување на можноста за временско одложување на имплементацијата на системот во текот на најфреквентниот период“,
се вели во соопштението од Туристичката комора при ССКМ.
Оттаму додаваат дека иницијативата е во насока на зачувување на добрососедските односи и економската соработка меѓу двете земји, особено во делот на туризмот, кој претставува значаен сегмент за регионалната економија.
Според Комората, се очекува позитивен одговор од грчките институции, со цел да се обезбеди непречено движење на туристите и успешна реализација на претстојната летна сезона.
Изминатите неколку недели, од почетокот на примената на Системот за влез и излез во Европската Унија, на граничниот премин „Богородица“ со Грција имаше застои, што најчесто е случај за време на викендите.
Граѓаните што патуваа сведочеа дека се чека и по два часа, додека трае фотографирањето и земањето отпечаток од прст, според новите правила со кои се исфрла досегашното ставање печати во пасошите.
Новиот систем – ЕЕС (entry/exit system) од 10 април целосно се применува на надворешните граници на Европската Унија (ЕУ), а предвидува дигитално регистрирање при влез и излез на граѓаните од земјите што не се членки на Унијата, наместо досегашното рачно евидентирање на пасошите со ставање печат.
Предвидено е системот ЕЕС (EES) да ги бележи точните датуми на влез и излез и да врши автоматска проверка на правилото за дозволен престој од 90 дена во рамките на 180 дена, со што ќе се намалат можностите за негово прекршување.
