Во Судскиот совет, чиј член е Сузана Јошевска-Анастасовска, во тек се постапки за избор на претседатели за Основниот кривичен суд Скопје и на Управниот суд, отпочнати во јули минатата година

360°: Во тек се постапките за избор на претседатели на Основниот кривичен суд Скопје и на Управниот суд. Велам „во тек“, но никако да завршат. Огласите се објавени пред повеќе од 10 месеци, во јули минатата година. Се знае ли дали и кога конечно ќе завршат овие постапки?
Јошевска-Анастасовска: Во однос на ова прашање морам да бидам директна и јасна. Недозволиво е постапките за избор да траат долго. И тоа е мој јасен став и овој став ќе го имам секогаш. Од седми месец трае постапка за избор на претседател, а постапката е на половина, да речеме, бидејќи јас бев претседател на комисијата која врши оценување на кандидатите и кај Управниот и кај Кривичниот суд.
360°: И зошто? Претпоставувам дека тоа е период во којшто, прво, кандидатите може да се автоцензурираат, да се обидуваат да ги приспособуваат своите одлуки на очекувањата на оние што – или треба да ги избираат или можат да влијаат на нивниот избор.
Јошевска-Анастасовска: Да, предолгото траење остава простор за шпекулации, за различни толкувања и евентуално приспособување на кандидатите во исчекување на одлуката, што не е добро за нив, не е добро за институцијата, не е добро за системот во целина.
360°: На последната седница на Судскиот совет помина корекцијата на вонредното оценување во смисла на бодови. За Основниот кривичен суд Скопје има двајца кандидати за претседател – Даниела Димовска, којашто е и в.д. претседателка на Судот, и Ивица Стефановски. Тие во самото финале влегуваат – едниот со 200 бода, Даниела Димовска, а другиот со 199 бода, Ивица Стефановски. Што значи тоа и значи ли нешто кога утре ќе гласате кој од нив двајца да биде претседател на Основниот кривичен суд? А тоа не е кој било суд во државата.
Јошевска-Анастасовска: Бодувањето мислам дека нема пресудна тежина во изборот бидејќи не се рангираат кандидатите за претседател. Тоа може да има тежина при рангирањето за унапредување. И тогаш, нели, гледаме дали се оди по табела или не. Овдека тие поднесуваат и план, програми, имаат и интервју. И мислам дека тука е најважното каде што може да ги покажат своите менаџерски способности.
360°: Во врска со кандидатурата на Даниела Димовска, има еден друг аспект што и јавно се коментира, а тоа е фактот дека нејзиниот брат, којшто бил инспектор во УЈП, според истрагата и тоа што јавно досега е објавено, бил во постојана врска и контакт со газдата на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Има истрага за тој случај, мислам дека сè уште нема обвинителен акт. Дали оваа околност има значење, односно треба да има значење при одредувањето на членовите на Судскиот совет за тоа дали Даниела Димовска треба да биде претседателка на Основниот кривичен суд?
Јошевска-Анастасовска: Мојот став по ова прашање е дека апсолутно досега нема покажано никакво поведение в.д. претседателката, каков било сомнеж кој би можел на некаков начин – законски и нема никакви ингеренции, но еве од некаков етичко-морален аспект – да ја прави недостојна за таа функција додека траат овие истраги. Ние сме свесни дека судиите секаде се контактираат, тоа е еден вмрежен систем, се познаваат сите меѓу себе, но досега навистина нема, освен поврзаноста на роднинската врска, не гледам никакво дејство. А доколку такво се појави, доколку има издржани сомнежи, тогаш да, би било проблем, без оглед што не е во нејзиниот суд, туку е во друг суд. Но, сега засега не гледам зошто би било проблем.

360°: Што се случува со постапката за избор на претседател на Управниот суд?
Јошевска-Анастасовска: На минатата седница го усвоивме извештајот, јас сум претседател на комисијата за оценување. Прво, сакам само да објаснам во две реченици дека и по закон процедурата за избор на претседател не е баш едноставна… Се работи за три комисии низ кои поминуваат кандидатите за да стигнат до избор. Прва е комисијата на која јас сум сега претседател за оценување, а таа дава налог на надворешна комисија која е составена од судии за да ги оценува по соодветен правилник. Па, се враќа извештајот, па ние го гласаме, па понатаму има право на приговори, па ако ги уважиме приговорите ги гласаме повторно, ако не – одат во Врховниот суд и таму знаат и долго време да останат, за што имаме апел и побрзо да се решаваат. Па после оди на друга комисија која е комисија за избори, ги спроведува интервјуата и тестовите итн. Така што, и по закон е направена да биде комплицирана, што според мене е непрактично. Но, на прашањето до каде – мислам дека и таа долго трае, без оглед што помина изборен период, мораме да ги движиме процесите малку побрзо, динамика мора да се дава.
360°: Таму има една специфична ситуација – паралелно има оглас за избор на судија во Вишиот управен суд и кандидатката за таа позиција, судијката Едита Насковска е исто така кандидатка за претседателка на Управниот суд. И сега, како се поставувате во вакви ситуации? Особено што едниот оглас е многу отпорано распишан отколку овој другиот.
Јошевска Анастасовска: Судијата што прво поднела пријава за да биде судија на Вишиот управен суд во исто време е единствен кандидат за таа позиција. И таму тој оглас е врзан со друг оглас, за избор на судија во Апелациониот суд Штип и некако таа процедура не се спроведува со поголема динамика. И, оттука, повторно ќе нагласам дека овие ситуации во кои процесите одат тромаво или, да речам, бавно, оставаат простор за различни толкувања и оставаат простор за поклопувања во кои можеби ќе влеземе во некои ситуации да направиме некои грешки.
