По нестабилното време за време на викендот, од понеделник ќе следи период на стабилно и потопло време со пораст на дневната температура
Денеска во земјава нè очекува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд и умерен, повремено засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе дува и со брзина од над 60 километри на час, се вели во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Утринската температура ќе се движи во интервал од минус три до четири Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 11 до 20 степени.
Во Скопје, според синоптичарите се очекува слично време, променливо облачно со сончеви периоди и услови за слаби врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 19 Целзиусови степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, утре, исто така, се очекува променливо облачно време, со сончеви периоди и услови за повремени слаби врнежи од дожд во југозападните делови од земјата.
По нестабилното време за време на викендот, од понеделник ќе следи период на стабилно и потопло време со пораст на дневната температура. И во првиот ден од следната седмица ќе продолжи да дува умерен до засилен ветер од северен правец, а од вторник се очекува ветерот да го смени правецот и да дува од југ со слаб до умерен интензитет.
