„Токму како што ја укинаа техничката влада без ниту еден глас од СДСМ, така можат да го донесат и Изборниот законик. Не им треба СДСМ за закони – им треба изговор кога ќе пропаднат“, коментираат од опозициската партија откако премиерот рече дека поради блокадата на СДСМ нема да бидат спроведени измените на ИЗ, како дел од обврските од реформската агенда
Социјадемократскиот сојуз го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ја искористи блокадата на СДСМ во работната група за Изборниот законик како изговор кога во јуни Брисел ќе нотира дека Македонија нема напредок во реформите. Опозиционерите оценија дека Мицкоски однапред подготвува алиби зошто нема да се исполни неговото ветување дека од Брисел ќе стигне вест оти земјава е рамо до рамо со Црна Гора.

„ВМРО-ОКГ има апсолутно мнозинство во Собранието. Токму како што ја укинаа техничката влада без ниту еден глас од СДСМ, така можат да го донесат и Изборниот законик. Не им треба СДСМ за закони – им треба изговор кога ќе пропаднат. Мицкоски лажеше за враќање на името, лажеше за укинување на Преспанскиот договор, лажеше за ‘трета економија во Европа’. Сега подготвува нова лага – дека СДСМ е виновен за неговиот неуспех“,
велат од СДСМ.
Реакцијата на опозициската партија следува откако премиерот Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека две од вкупно десет обврски од реформската агенда нема да бидат спроведени. Една од нив, како што рече, е спроведувањето на измените на Изборниот законик, кое е попречено од опозицијата.
