Иако целосно американско повлекување од НАТО се смета за малку веројатно поради законските ограничувања во САД, сепак експертите предупредуваат дека Белата куќа би можела да преземе чекори што би ја ослабнале Алијансата без формално напуштање, вклучително и повлекување на американските сили од Европа
Според податоците на Центарот за податоци за одбранбената работна сила на САД, во Европа се распоредени повеќе од 68 000 американски војници, од кои најголем дел, односно над 35 000 се стационирани во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација разгледува можно намалување на бројот на американски војници распоредени во Германија, само неколку дена откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро ја критикуваше американската политика кон Иран, пренесува „Гардијан“.

Во објава на платформата Трут соушл, Трамп соопшти дека САД проучуваат и разгледуваат евентуално намалување на војниците во Германија, додавајќи дека одлуката ќе биде донесена за краток временски период.
Изјавата доаѓа по критиките на Мерц, дедени пред неколку дена, во кои посочува дека администрацијата на Трамп е понижена во преговорите со Иран и не успева да обезбеди крај на војната, ниту повторно отворање на Ормускиот Теснец.
„Иранците очигледно се многу вешти во преговорите, или поточно, многу вешти во тоа да не преговараат, дозволувајќи им на Американците да патуваат до Исламабад, а потоа повторно да заминат без никаков резултат“,
рече тој.
Според германскиот канцелар, Европа страда од последиците од затворањето на Ормускиот Теснец, како клучна рута за глобалниот транспорт на нафта и гас.
На ова Трамп возврати остро, обвинувајќи го Мерц дека не знае што зборува бидејќи смета дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје.
Во меѓувреме, Мерц се обиде да ги ублажи тензиите, велејќи дека неговиот однос со Трамп останува добар како и секогаш.
Како што анализира „Гардијан“, најавата за можно повлекување на американски трупи од Германија предизвика загриженост во Берлин и пошироко во Европа.
Заканата доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници, додека Трамп повторно ја засилува реториката против НАТО, изјавувајќи дека размислува за повлекување на САД од Алијансата, обвинувајќи ги европските членки дека не придонесуваат доволно во заедничките безбедносни напори.
Иако целосно американско повлекување од НАТО се смета за малку веројатно поради законските ограничувања во САД, сепак експертите предупредуваат дека Белата куќа би можела да преземе чекори што би ја ослабнале Алијансата без формално напуштање, вклучително и повлекување на американските сили од Европа.
Според податоците на Центарот за податоци за одбранбената работна сила на САД, во Европа се распоредени повеќе од 68 000 американски војници, од кои најголем дел, односно над 35 000 се стационирани во Германија.
Германските медиуми, пак, оценуваат дека нивниот број во моментов е приближно 50 илјади.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул на тема Иран и безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец.
