Ова е уште една потврда дека заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење изминатиот период не е во земјава и дека не доаѓа на седниците на „Илинденска” број 2, што во интервју за „360 степени“, емитувано минатата недела, го кажа и министерот за здравство Азир Алиу
Вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, кој извесно време не ги извршува задолженијата на функцијата на која е назначен, се наоѓа во главниот град на Тајланд, Бангкок.

Моменталната негова локација ја откри тој самиот вечерва, споделувајќи на Фејсбук фотографија од него во градот на далечниот исток, кој е атрактивна дестинација за голем број туристи од целиот свет.
На неа тој е во лежерна облека, опуштен, со рацете во џебовите и насмевка на лицето, а во описот на објавата стои дека Арбен Фетаи е во Бангкок, Тајланд.
Самиот амбиент доволно говори дека заменик-претседателот на Владата, задолжен за добро владеење, не е во главниот град Тајланд службено, туку дека ужива во неговите знаменитости и убавини приватно.
Дополнително, фотографијата Фетаи не ја објави на неговиот, условно кажано, службен фејсбук-профил, туку на приватниот, каде што фигурира како јавна личност, но не и вицепремиер.
Ова е уште една потврда дека заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење изминатиот период не е во земјава и дека не доаѓа на седниците на „Илинденска” број 2, што во интервју за „360 степени“ емитувано минатата недела го кажа и министерот за здравство Азир Алиу.
Имено, Алиу, кој е кадар на ВЛЕН, потврди дека во последниот период не разговара со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење, Фетаи, поради тоа што „тој не е тука“, и „не доаѓа на седници на Владата”, но, како што кажа, неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми.
„360 степени“: Околу Арбен Фетаи – вие разговарате со него?
Азир Алиу: Па, во последен период не бидејќи не е тука.
„360 степени“: Тој не доаѓа на седници на Владата?
Азир Алиу: Не.
„360 степени“: Зошто?
Азир Алиу: Не знам, не сум информиран.
Сепак, во интервјуто, министерот за здравство откри дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на ВЛЕН и Владата, но оти тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.

Алиу не беше толку конкретен во одговор на прашањето дали тоа значи дека треба да се очекува дека Арбен Фетаи ќе биде заменет со нов кадар при идната реконструкција на Владата.
„Во моментот, знаете, ние како ВЛЕН работиме на дефинирање на органограмот на ВЛЕН, сега веќе како политичка партија и сè не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансит во Владата во целина за секоја политичка партија што е дел од од ВЛЕН“,
рече Алиу.
Повеќе детали околу ова прашање даде премиерот Христијан Мицкоски кој во телевизиско гостување минатата недела, три дена по интервјуто на Алиу за „360 степени“, изјави дека вицепремиерот Арбен Фетаи лично му пренел дека во иднина повеќе не се гледа во Владата. Мицкоски во гостувањето во Сител рече дека во разговорот што го имал со Фетаи пред неколку недели, вицепремиерот му рекол дека планира да се врати во Брисел, каде што има професионално искуство од претходно.

„Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите во Брисел. Мислам дека би било добра можност да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности. Ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму треба Владата и државата да ги искористи“,
рече Мицкоски во интервјуто за Сител на 23 април.
„360 степени“ го побара Фетаи и му упати неколку прашања, но не добивме одговор.
Инаку, Арбен Фетаи и Азир Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кога тој во мај 2025 г. реши да ја напушти власта. Фетаи остана вицепремиер, а Алиу го наследи Таравари на функцијата министер за здравство.
Прашањето за работниот ангажман се наметна и во контекст на реконструкцијата на Владата, која премиерот Христијан Мицкоски ја најави за крајот на мај или почетокот на јуни.
