По објавувањето на пресудата, одбраната на Трајковски побара замена на мерката притвор со куќен притвор, наведувајќи ја неговата влошена здравствена состојба и доставената медицинска документација до судот
Казни добија и останатите членови од групата на Штекли – Александар Гучевски, Стефан Китанов и Филип Таневски, кои добија казна затвор по пет години, а Стојан Миланов доби казна од три години и десет месеци затвор
Основниот кривичен суд Скопје денеска ги прогласи за виновни Раде Трајковски-Штекли, Александар Гучевски, Стефан Китанов, Филип Таневски и Стојан Миланов, за организирана неовластена продажба на кокаин и марихуана, и им изрече затворски казни.
Според пресудата, Раде Трајковски-Штекли е осуден на осум години затвор, Александар Гучевски, Стефан Китанов и Филип Таневски на по пет години, а Стојан Миланов доби казна од три години и десет месеци затвор.

Судот утврди дека осудените во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година на подрачјето на Скопје се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотични супстанци.
Во казната на првообвинетиот Трајковски е пресметано и времето поминато во притвор.
По објавувањето на пресудата, одбраната на Трајковски побара замена на мерката притвор со куќен притвор, наведувајќи ја неговата влошена здравствена состојба и доставена медицинска документација до судот.
На почетокот од судскиот процес, Трајковски изјави дека не го разбира обвинението, додека останатите обвинети се изјасниле за невини, а нивната одбрана тврдеше дека не постојат докази и дека наводите се базирани на претпоставки.
Според обвинението, групата дејствувала организирано со јасно распределени улоги, од набавка до продажба на дрогата. Обвинителството тврдеше дека Трајковски бил организатор и координатор, кој одржувал контакти со лица од странство и домашни посредници, со цел проширување на мрежата.
Дрогата, според обвинението, се чувала во изнајмени станови и се продавала по цени од 4 500 до 6 000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана, а комуникацијата се одвивала преку апликации со заштитена комуникација, меѓу кои и Снепчет.
Инаку, Трајковски беше приведен на 19 јануари 2025 година, а следниот ден му беше одреден и 30-дневен притвор, кој му беше продолжен по поднесувањето на обвинението.
Обвинението против групата на Раде Трајковски-Штекли беше поднесено на крајот на мај минатата година по истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Истрагата против групата на Штекли почна со 15 осомничени, за на крајот да стигне до 17 лица. Актуелната бројка од 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме седум од осомничените се спогодија со Обвинителството и добија затворски казни од три до три години и шест месеци зависно од степенот на инволвираност во кривичните дела.
За потсетување, пред да биде уапсен, Трајковски преживеа неколку обиди за негова ликвидација.
Во него беше пукано во трговски центар, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница.
