Во рамките на предметот, омбудсманот ќе побара информации од училиштето и надлежните институции дали биле преземени потребните мерки за превенција на насилството, дали имало индикации за насилство и како било постапено по нив, но и како се обезбедува моменталната заштита на жртвата и дали се преземаат мерки во однос на сторителите
Народниот правобранител по сопствена иницијатива отвори предмет за случајот со врсничкото насилство во скопско Ѓорче Петров, во кој три ученички во основно училиште брутално малтретирале своја врсничка.

Во рамките на предметот, омбудсманот ќе побара информации од училиштето и од надлежните институции дали биле преземени потребните мерки за превенција на насилството, дали имало индикации за насилство и како било постапено по нив, но и како се обезбедува моменталната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите.
Народниот правобранител изразува длабока загриженост во врска со случајот, оценувајќи дека ваквите настани претставуваат тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето и укажуваат на сериозни слабости во системот на превенција и заштита од насилство во образовните установи.
„Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти. Надлежните институции да постапат со највисок степен на итност и одговорност, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето како водечки принцип. Безбедноста на децата не смее да се сведе на формално исполнување на обврските, туку мора да значи реална, ефективна и суштинска заштита“,
велат од Канцеларијата на народниот правобранител.
Во контекст на случајот во Ѓорче Петров, омбудсманот апелира на поголема родителска одговорност и грижа за децата, следење на однесувањето на своите деца, препознавање потенцијални ризици и навремено реагирање.
Како значајна се укажува и улогата на центрите за социјална работа кои, како што посочуваат од народниот правобранител, треба да постапуваат проактивно, навремено и координирано, преку преземање мерки за поддршка на семејствата, работа со децата во ризик и спречување на понатамошни штетни последици.
„Заштитата и грижата за децата мора да биде сеопфатна, континуирана и заснована на заедничка одговорност на сите чинители во општеството“,
се наведува во соопштението на Канцеларијата на омбудсманот.
