Јаневска вели дека е запознаена со случајот во кој три девојчиња, ученички во основно училиште, брутално малтретирале и понижувале врсничка и додава дека училиштето веќе постапило, пријавило во полиција и во социјалните служби, а и самото презело мерки

Родителите да внимаваат и повеќе време да поминуваат со своите деца, апелира министерката за образование и наука Весна Јаневска. Апелот на Јаневска доаѓа откако во јавноста стана актуелен вознемирувачки случај на врсничко насилство кој е забележан во скопската населба Ѓорче Петров во кој три девојчиња, ученички во основно училиште, брутално малтретирале и понижувале врсничка.
Јаневска вели дека е запознаена со случајот на врсничко насилство во училиштето во Ѓорче Петров.
Таа додава дека училиштето веќе постапило, пријавило во полиција и во социјалните служби, а и самото презело мерки.
„Жал ми е што се соочуваме со вакви случаи. Министерството добива информации за ваквите настани и презема мерки“,
вели Јаневска.
Министерката вели дека во соработка со компании и со Бирото за развој на образованието постојано подготвуваат упатства и прирачници како да се постапи во вакви случаи.
Според неа, и во овој случај е постапено како што треба и училиштето пријавило во полиција и во социјалните служби, а самото тоа презема мерки.
Смета дека сите одговорни институции може да прават се како што треба, но ако нема помош од родителите, не може да има успех.
„Ќе имаме одреден процент успех, но клучна улога имаат и родителите. Сега имаме иницијатива за проект за семејно насилство зашто најчесто овие агресии се резултат на она што се случува дома“,
истакна министерката одговарајќи на новинарски прашања.
