Тој вели дека во периодот од 18.4.2023 година до 25.12.2024 бил распореден на работното место соработник за заштита на животната средина согласно Одлуката за избор бр. 04-268/7 од 18.4.2023 година

Лицето што од Секторот за внатрешни работи Струмица, 37-годишниот Т. З., доби кривична пријава и беше наведен дека во својство на овластен комунален инспектор во Општина Дојран изготвил одобрение за градење хотелски објект на инвеститор од Струмица, бара исправка на описот на неговата функција.
Во електронската пошта испратена до медиумите, посочениот вели дека во периодот на кој се однесува кривичната пријава тој бил распореден на друго работно место.
„Во периодот од 18.04.2023 година до 25.12.2024 бев распореден на работно место соработник за заштита на животната средина согласно Одлуката за избор бр. 04-268/7 од 18.04.2023 година“,
се вели во писмото.
Тој додава дека функцијата изготвувач на одобрението не претставува вршење инспекциски надзор, ниту овластување за одлучување.
Во прилог на писмото тој има прикачено и решенија за функциите на кои бил избран на 18.4.2023 и 25.12.2024 година.
Денеска во полицискиот билтен беше наведено дека СВР Струмица, преку Одделението за внатрешни работи Гевгелија, поднел кривична пријава против три лица од Дојран кои се товарат дека со прекршување низа законски прописи овозможиле незаконска изградба на угостителски објект.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавените на 29 април 2024 година, во рамките на управна постапка, ги занемариле своите службени должности и постапиле спротивно на Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата и на законите за води и за градење.
