Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавените на 29 април 2024 година, во рамките на управна постапка, ги занемариле своите службени должности и постапиле спротивно на Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата и на законите за води и за градење

Секторот за внатрешни работи Струмица, преку Одделението за внатрешни работи Гевгелија, поднесе кривична пријава против три лица од Дојран поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавата, доставена до Основното јавно обвинителство Гевгелија, ги опфаќа Т.З. (37), Б.К. (54) и А.А. (41), кои се товарат дека со прекршување на низа законски прописи овозможиле незаконска изградба на угостителски објект.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавените на 29 април 2024 година, во рамките на управна постапка, ги занемариле своите службени должности и постапиле спротивно на Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата и на законите за води и за градење.
Во појаснувањето од МВР се вели дека првопријавениот (Т.З.), во својство на овластен комунален инспектор, изготвил одобрение за градење за хотелски објект на инвеститор од Струмица, иако во проектната документација недостигала задолжителна водостопанска согласност.
Второпријавениот (Б.К.), како референт за урбанизам, извршил контрола и дал „зелено светло“ на одобрението, и покрај недостатоците во документацијата.
Третопријавениот (А.А.), кој во тој период ја извршувал функцијата градоначалник на Општина Дојран, го потпишал одобрението и го издал одобрението за градење.
Од МВР нагласуваат дека со овие дејствија пријавените сториле кривично дело по член 353 од Кривичниот закон.
