Од СДСМ обвинуваат дека актуелната извршна власт ги измамила граѓаните на изборите, криејќи дека во нејзините редови има голем број функционери со двојни државјанства
Владата на Христијан Мицкоски е сочинета од лажни патриоти и преполна со функционери кои поседуваат бугарски пасоши, рече членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка во СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција во партиското седиште.

Тој ја обвини владејачката партија за лицемерие и измама на гласачите велејќи оти е апсурдно влада што наводно треба да го штити македонскиот национален идентитет од Бугарија да биде екипирана со лица кои се бугарски државјани.
Тој рече и дека овие функционери без никаков проблем би можеле да се кандидираат и на парламентарните избори во соседна Бугарија.
„Она на што мора да одговорат пред македонските граѓани е следното: чии интереси тие застапуваат – македонските или бугарските? Една по една, сите предизборни лаги на Мицкоски излегуваат на површина. Тој заборави пред изборите да им каже на граѓаните дека кога гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, всушност гласаат за бугарски државјани“,
вели тој.
Жерновски упати остри критики и за најавениот, па потоа повлечен, законски предлог за забрана за двојно државјанство за пратениците, објаснувајќи дека премиерот Мицкоски тргнал во Собранието со „црвен детектор“ за да лови двојни државјанства и да се докажува како патриот, но се откажал кога се соочил со реалноста во сопствените редови.
„Почна да потсвирнува детекторот во неговата пратеничка група, па одлучи законот да важи дури за наредниот состав. Но, најголемата беља настана кога со детекторот отиде во Владата. Е таму детекторот почна да вришти и да пишти, затоа што беше преполно со бугарски државјани“,
изјави тој.
Жерновски се осврна и на евроинтегративниот процес на државата, забележувајќи дека Владата веќе го остварила планот за членство во ЕУ, но само за своите функционери.
„Да бидеме до крај отворени, голем дел од членовите на Владата веќе се во Европската Унија, затоа што имаат бугарски пасоши. Но, тоа мора да им се објасни на граѓаните“,
кажа Жерновски.
Тој се обрати и до членовите на партијата ЗНАМ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи им дека нивното раководство ги излажало и изманипулирало своите гласачи, тврдејќи дека таа партија била формирана исклучиво со цел да му наштети на СДСМ и да и послужи на актуелната власт како измама за електоратот.
