„Мислам дека би било добра можност да биде некаков специјален пратеник во рамки на Европскиот парламент, на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности“, изјави премиерот откако вицепремиерот за добро владеење го известил дека планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство
Вицепремиерот Арбен Фетаи лично ми пренесе дека во иднина повеќе не се гледа во владата што јас ја предводам – изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски откако во интервју за „360 степени“ во понеделникот министерот за здравство Азир Алиу откри дека неговиот колега во Владата и сопартиец во ВЛЕН во последниот период не доаѓа на владините седници.

Во вечерашното интервју за телевизија Сител, Мицкоски рече дека во разговорот што го имал со Фетаи пред неколку недели, вицепремиерот му рекол дека планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство.
„Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите во Брисел. Мислам дека би било добра можност да биде некаков специјален пратеник во рамки на Европскиот парламент, на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности. Ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму треба Владата и државата да ги искористи“,
изјави премиерот во вечерашното интервју на Сител.
Мицкоски повтори дека кон крајот на мај или почетокот на јуни се очекува реконструкција на Владата.
„Заедно со коалициските партнери да направиме поместување, доколку видиме дека тоа е потребно, одредени ресори, одредени имиња да ги промениме, да ги ротираме. Тоа би требало да биде еден поголем холистички пристап. Но, во овој момент на таа тема само анализирам, не би можел да кажам дека имам каков било заклучок, но дека ќе има промени, тоа е факт, ќе има промени“,
рече Мицкоски и додаде дека владината реконструкција ќе следува по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.
По наводите на министерот за здравство Азир Алиу дека вицепремиерот Арбен Фетаи е отсутен и не доаѓа на владини седници, „360 степени“ се обрати до Владата со неколку прашања – На колку владини седници присуствувал Фетаи од 1 март до денес? Дали е во земјава? Дали доаѓа на работа? Дали, ако отсуствува, го оправдал отсуството? Ако не е оправдано – како Владата го коментира однесувањето на вицепремиерот?
За работниот ангажман на Фетаи, од Владата нè упатија да се обратиме кај него.
