На прашањето дали ќе им бидат поништени дипломите на студентите кои се запишувале на магистерски и на докторски студии без претходно завршени додипломски студии, министерката за образование рече дека сè уште го чека извештајот, но посочи дека доколку се поништи уписот, ќе бидат поништени и дипломите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека таа не е надлежна да каже дали некој од кадарот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе сноси одговорност во врска со утврдените нерегуларности при уписот на студенти на магистерски и на докторски студии. За тоа, како што рече, постојат други институции кои треба да ја истераат процедурата како што треба.

„Прилично е комплицирана ситуацијата. Јас не сум надлежна да кажам, за тоа постојат други институции во земјата и се надевам дека таа процедура ќе тече како што треба. Би сакала да верувам дека ова е изолиран случај и дека не е тенденциозно направен, но токму поради тоа, другите институции ќе си го кажат зборот и како ќе утврдат тие – така и ќе биде“,
рече Јаневска на прашањето дали некој од кадарот на Филозофскиот факултет ќе сноси одговорност за утврдените нерегуларности.
На прашањето дали ќе им бидат поништени дипломите на студентите кои се запишувале на магистерски и на докторски студии без претходно завршени додипломски студии, министерката рече дека сè уште го чека извештајот, но посочи дека доколку се поништи уписот, ќе бидат поништени и дипломите.
Јаневска вчера потврди дека Државниот просветен инспекторат констатирал нерегуларности при упис на студенти на магистерски и на докторски студии на Филозофскиот факултет во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Раководството на Филозофскиот факултет УКИМ вчера соопшти дека по констатираните нерегуларности, се прекинува студирањето на седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии.
