„Европскиот пат, посакуван од 70 отсто од граѓаните останува блокиран не само поради надворешни вета, туку поради активното одбивање на оваа влада да ги почитува постигнатите договори. Албанија напредува. Црна Гора, Молдавија и Украина имаат јасни хоризонти. Северна Македонија стои осамена, без преговори, без перспектива“, се вели во партиското соопштение
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска упати критики кон владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за економски пад, застој во евроинтегративниот процес и влошување на меѓуетничките односи во државата.

„За нешто повеќе од една година, владата Мицкоски ја уништи економијата, го саботираше европскиот пат, ги нападна правата на Албанците и ја одржува групацијата ВЛЕН заробена, користејќи ги криминалните слабости на нејзините лидери“,
велат од партијата.
Преку соопштение, од партијата оценуваат дека во изминатиот период економската состојба во државата е влошена, посочувајќи на растот на трошоците за живот и на падот на странските директни инвестиции.
Според ДУИ, не се реализираа ветувањата за повисоки плати и засилен економски раст, додека инфлацијата значително влијаела врз животниот стандард на граѓаните.
„Ветувањата за ‘плата од 1 000 евра‘ и ‘рекордни инвестиции‘ се претворија во минимална потрошувачка кошница од 68 797 денари месечно, плата која не ги покрива ни основните потреби, и пад од 61 отсто на странските директни инвестиции или само 468 милиони евра, еден од најлошите резултати во цел Балкан“,
пишува во партиското соопштение.
Партијата оценува дека евроинтегративниот процес е во застој, нагласувајќи дека, и покрај поддршката од мнозинството граѓани, земјата останува без конкретен напредок на патот кон Европската Унија.
„Европскиот пат, посакуван од 70 отсто од граѓаните останува блокиран не само поради надворешни вета, туку поради активното одбивање на оваа влада да ги почитува постигнатите договори. Албанија напредува. Црна Гора, Молдавија и Украина имаат јасни хоризонти. Северна Македонија стои осамена, без преговори, без перспектива“,
додаваат од партијата.
Дополнително, оттаму упатуваат критики и за надворешната политика, тврдејќи дека актуелната власт ја оддалечува земјата од европскиот пат и ја изложува на зголемено влијание од трети страни.
„Со оддалечувањето на Унгарија од московската орбита, Мицкоски и Вучиќ останаа последните активни руски прокси во регионот што се гледа секојдневно во реториката, одлуките и сојузниците на Скопје“,
се вели во партиската реакција.
Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за влошување на положбата на албанската заедница, при што се споменуваат прашања поврзани со Охридскиот рамковен договор, употребата на јазикот и институционалната застапеност.
„Албанскиот народ 30 отсто од вкупното население беше мета на оваа политика, не нејзин партнер. Охридскиот договор, јазикот, институционалното претставување: сето тоа се доведува систематски во прашање. И групацијата ВЛЕН, која требаше да ги претставува Албанците во власта, нема слобода да каже не. Нејзините лидери се држат под контрола на премиерот Мицкоски преку принуда. Коалиција заробена, не избрана“,
пишува во соопштението.
ДУИ бара политичка одговорност, оценувајќи дека Влада која ја оштети економијата, ја изолира земјата, ги нападна Албанците и служи како предводничка на руското влијание, нема легитимитет.
„Неспособна, антиалбанска, антиевропска и последниот руски прокси во регионот“,
посочија од ДУИ.
