Актуелната влада, од партијата оценуваат дека не ги исполнила ветувањата за економски развој и привлекување инвестиции, како и дека постојат негативни ефекти од политичките состојби и односите со меѓународните партнери
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска упати критики дека државата бележи сериозен пад на странските директни инвестиции, повикувајќи се на регионални анализи според кои во 2025 година инвестициите се намалени за 61 отсто во однос на 2024 година, достигнувајќи вредност од 468 милиони евра.

Во соопштение, од ДУИ оценуваат дека станува збор за еден од најслабите резултати во регионот и за алармантен сигнал за економијата.
Од партијата посочуваат дека странските инвеститори бараат правна сигурност, стабилни институции, политичка предвидливост и јасна евроатлантска перспектива, додавајќи дека зголемената неизвесност и политичките тензии ја намалуваат атрактивноста на државата.
„Странскиот инвеститор бара правна сигурност, функционални институции, политичка стабилност, професионална администрација и јасна евроатлантска перспектива. Кога државата создава неизвесност, политички тензии и недостаток на стратешка насока, капиталот избира други дестинации. Додека земјите од регионот се натпреваруваат за нови инвестиции, Северна Македонија губи чекор со алармантно темпо“,
велат од ДУИ.
Ваквиот пад, според партијата, директно влијае врз економските текови, вклучително и врз отворањето работни места, индустриското производство и можностите за раст на платите.
„Падот од 61 отсто значи помалку работни места, помало производство, помали можности за повисоки плати и помалку шанси за младите. Актуелната влада го доби мандатот со ветувања за економски развој и рекордни инвестиции. Денес билансот е целосно спротивен“,
пишува во партиското соопштение.
Оттаму ја критикуваат актуелната влада, за која оценуваат дека не ги исполнила ветувањата за економски развој и привлекување инвестиции, како и дека постојат негативни ефекти од политичките состојби и односите со меѓународните партнери.
„Внатрешната политичка изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, затегнатите односи со меѓународните партнери и застојот на европскиот пат создаваат директни економски последици“,
додаваат од ДУИ.
Партијата повикува на политичка одговорност, оценувајќи дека е потребна промена со цел враќање на довербата, стабилноста и економската перспектива на државата.
„За оваа состојба мора да има јасна политичка одговорност. Влада која за кратко време ја носи државата на дното во регионот по странски инвестиции, нема кредибилитет да бара трпение од граѓаните. Оставката на оваа влада е првиот неопходен чекор за враќање на довербата, стабилноста и развојната перспектива на државата“,
се вели во партиското сопшштение.
