Долгогодишната новинарка почина на 61-годишна возраст по подолго боледување – објави нејзиниот син Мартин Дувњак
По подолго боледување, на 61-годишна возраст почина долгогодишната новинарка и уредничка Гордана Дувњак – една од најпрепознатливите фигури во македонското новинарство, особено во областа на политиката и правосудството.

Веста за нејзината смрт со емотивна порака ја објави нејзиниот син Мартин Дувњак.
„Се одјави нашата мајка, жена, кралица Гордана Дувњак. Жена којашто не ја сакаше и почитуваше само тој што ја немаше запознаено. Жена борец, мајка каква што секое дете само би можело да посака и да сонува да има. Најдобрата на светот! Врвен професионалец и новинар кој беше пример за чесност, љубов кон професијата, искреност, владеење на материјата и став“,
пишува Мартин Дувњак во објава на Фејсбук.
Својата новинарска кариера Дувњак ја започнува во 1988 година во Македонската радио-телевизија. Во периодот од 1991 до 1999 година работи во весникот „Нова Македонија“. Од 1999 до 2017 година работи како новинарка и уредник во весникот „Утрински весник“, а потоа кратко и на порталот „Макфакс“. Во 2018 година е вработена во 1ТВ како новинар и одреден период како уредник на телевизијата, а од 2019 година е во весникот „Фокус“.
Во последните години од својата кариера работеше како портпаролка на Судскиот совет.
Погребот на Гордана Дувњак ќе се одржи утре во 12 часот на градските гробишта во Бутел.
