Тој се осврна и на значењето на социјалдемократијата, а направи краток историски преглед на СДСМ и цитираше пораки од поранешни лидери на партијата, меѓу кои и поранешниот претседател на државата Киро Глигоров
Потсети на клучни историски моменти во дејствувањето на СДСМ – од првата влада во 1992 година, преку Охридскиот рамковен договор, кандидатскиот статус за ЕУ, пржинскиот договор, Преспанскиот договор и членството во НАТО
Во говорот посочи и на европската интеграција, оценувајќи дека закочениот евроинтеграциски процес е, како што рече, најголем ризик за иднината на државата. Според него, членството во ЕУ и НАТО останува клучен државен и национален интерес
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вечерва на свечената седница на Централниот одбор по повод 35-годишнината од формирањето на партијата порача дека СДСМ го носат луѓе кои веруваат во вредности, отворени институции и јавен интерес и додаде дека социјалдемократијата е заснована на меритократија, правда и одговорност.

„Јубилејот не е само повод за одбележување, туку и повик за нова, чесна и одлучна борба за праведна Македонија“,
рече тој.
Според него, СДСМ повторно излегува пред граѓаните со јасна определба за промени и враќање на власта таму каде што припаѓа, во рацете на граѓаните.
„Тргнуваме против оваа ненародна криминална предавничка власт, одново чисти, скромни, искрени и посоцијалдемократски од кога било досега“,
додаде Филипче.
СДСМ, како што рече, стои пред голема историска и политичка задача, а тоа е да ги врати надежта, правдата и европската перспектива на државата.
„Затоа СДСМ денес е тоа што бил и ќе биде секогаш – големата идеја за Македонија како пристојна, праведна и европска држава“,
вели тој.
Според него, основна определба на партијата останува визијата за Македонија како пристојна, праведна и европска држава, во која граѓаните живеат достоинствено, а институциите работат во нивна корист.
„Да не си ветуваме лесни победи, туку тешка политичка и демократска борба, чесност и правда“,
порача Филипче додавајќи дека политиката мора да биде достојна за државата и граѓаните.
Во своето обраќање, тој нагласи дека визијата на партијата се однесува на подобар животен стандард, подобри услови за младите, како и функционален здравствен и образовен систем.
Социјалдемократијата е борба за достоинство, правда и европска Македонија
Филипче се осврна и на значењето на социјалдемократијата, а направи краток историски преглед на СДСМ и цитираше пораки од поранешни лидери на партијата, меѓу кои и поранешниот претседател на државата Киро Глигоров.
Филипче нагласи дека токму на јубилејот е важно да се потсети на суштинските вредности и „мерката“ на политиката.
„На 35-годишнината на СДСМ сакам да се вратиме не само на нашата историја, туку и на нашата мерка. На реченицата на Киро Глигоров: ‘Македонија е сѐ што имаме’. Во таа реченица има повеќе државна мудрост отколку во многу врева што сме ја слушале и што сè уште ја слушаме. Во таа мудрост е нашата иднина“,
кажа тој.
Филипче нагласи дека партијата се темели на меритократија и блискост со граѓаните, а не со власта.
„Ние сме партија што е поблиску до граѓанинот отколку до власта. И само така поразите се лекции, инаку и победите ќе бидат само одложени порази“,
рече лидерот на СДСМ.
Во говорот порача дека социјалдемократијата не се мери само со политички одлуки, туку со реалниот живот на граѓаните – дали тие живеат достоинствено, дали институциите ги штитат ранливите и дали постои еднаквост пред законот.
Потсети на клучни историски моменти во дејствувањето на СДСМ – од првата влада во 1992 година, преку Охридскиот рамковен договор, кандидатскиот статус за ЕУ, пржинскиот договор, Преспанскиот договор и членството во НАТО.
Филипче оцени дека овие одлуки често биле предмет на критики и обвинувања, но нагласи дека фактите остануваат.
„Идентитетот, јазикот и културата се заштитени. Државата е побезбедна. Нашиот јазик и идентитет се црвени линии на СДСМ“,
рече Филипче.
На крајот, цитирајќи го поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, со неговата изјава дека ситни души не прават држава, порача дека историјата ги памети оние што презеле одговорност, а не оние што најгласно зборувале.
Закочениот евроинтеграциски процес е најголем ризик за иднината на државата
Лидерот на СДСМ се осврна и на европската интеграција, оценувајќи дека закочениот евроинтеграциски процес е, како што рече, најголем ризик за иднината на државата. Според него, членството во ЕУ и НАТО останува клучен државен и национален интерес.
„ЕУ-патот е закочен. Отворено и бесрамно ни кажуваат дека тоа ќе трае и натаму со децении, божем како заштита на националните и државните интереси. Тоа е безобѕирна лага. Нема поголем интерес ниту државен, ниту национален, ниту безбедносен, ниту демократски од сојузите со ЕУ и НАТО“,
кажа тој.
СДСМ во изминатите децении донел, како што наведе, историски одлуки кои ја движеле државата кон евроатлантските интеграции, иако тие биле тешки и често непопуларни.
Филипче оцени дека сегашните политики кои го блокираат европскиот пат се спротивни на националните интереси и дека, како што рече, на таа страна е срамот – страната на предавството на националните интереси и антиевропските политики.
Предупреди дека застојот во евроинтеграциите директно ја загрозува иднината на младите.
„Тоа значи училиштето да не биде чекална за иселување, туку подготовка за останување и изградба на татковината“,
додаде тој.
На крајот, кажа и дека СДСМ останува доследен на својата европска ориентација и ќе продолжи да се залага за враќање на државата на вистинскиот пат и визија за Македонија како праведна и европска држава.
Лидерот на СДСМ порача: Ја враќаме власта во рацете на граѓаните
На крајот од излагањето упати и политички пораки до опозицијата и власта и истакна дека, според него, граѓаните повторно треба да ја добијат клучната улога во одлучувањето и водењето на државата.
„Им порачувам, лагите, лажниот патриoтизам, сурoвиот национализам на штета на меѓуетничките односи заврши. Ја враќаме власта во рацете на граѓаните“,
рече тој.
Повеќе фотографии од свечената седница на Централниот одбор по повод 35-годишнината од формирањето на СДСМ погледнете во продолжение:
