Локалните медиуми известуваат дека првите бранови цунами достигнуваат до префектурата Ивате, а еден бран висок и до 40 сантиметри е регистриран во пристаништето Мијако. Јапонската метеоролошка агенција прогнозира цунами-бранови високи до 3 метри кои ќе стигнат до брегот на Тихиот Океан
Силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточниот дел на Јапонија.

Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), потресот се случил денеска во 16:52 часот по локално време (9:52 часот по средноевропско време), на длабочина од 11 километри.
Епицентарот на потресот е регистриран во Тихиот Океан, крај брегот Санрику во префектурата Ивате. Земјотресот бил толку силен што се почувствувал во високи згради во Токио, на стотици километри од епицентарот.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами за префектурата Ивате, централниот дел од пацифичкиот брег за Хокаидо и пацифичкиот брег на префектурата Аомори. Предупредувања за цунами се издадени и за други делови од брегот на Пацификот.
Во меѓувреме, локалните медиуми известуваат дека првите бранови цунами достигнуваат до префектурата Ивате, а еден бран висок и до 40 сантиметри е регистриран во пристаништето Мијако. Јапонската метеоролошка агенција прогнозира цунами бранови високи до 3 метри кои ќе стигнат до брегот на Тихиот Океан.
Засега нема извештаи за поголеми штети или жртви. Властите ги повикаа жителите на крајбрежните области веднаш да се евакуираат на повисоки места и да ги следат упатствата на надлежните органи.
