Против осомничениот 39-годишник од Косово, кој непријавено престојувал во земјава, е предложена мерка притвор поради опасност од бегство
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи притвор против 39-годишен косовски државјанин поради сомнение дека сторил тешка кражба и уште еден обид за кражба од ист објект во Скопје.

Според наводите на Обвинителството, косовскиот државјанин, кој инаку непријавено престојувал во земјава, на 11 април со тесла го скршил стаклото од влезната врата на тобако-маркет во Скопје, влегол внатре и од маркетот одзел пари од дневен промет, алкохолни пијалаци, цигари и други ситни производи во вкупна вредност од 52 900 денари, по што со велосипед избегал во непознат правец.
„На 18 април, повторно на ист начин се обидел да влезе во истиот маркет, но за кратко време бил забележан од случајни минувачи и вработени кои пријавиле во полиција“,
велат од ОЈО Скопје.
Против осомничениот 39-годишник од Косово е предложена мерка притвор поради опасност од бегство.
