По насоки од јавен обвинител, автомобилот на полицаецот е привремено одземен, а Одделот за внатрешна контрола веднаш покренал дисциплинска постапка против Д. М.

Полицаец од Битола заработи кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило, откако бил фатен како вози во пијана состојба, со голема брзина и под активна забрана за управување возило.
Според соопштението од Министерството за внатрешни работи, Одделот за внатрешна контрола поднел пријава против Д. М., вработен во полициската станица за граничен премин „Меџитлија“.
Настанот се случил на 1 април на улицата „8 Септември“ во Битола. Полицискиот службеник бил надвор од работното време и управувал со сопственото возило „бе-ем-ве“ и покрај тоа што веќе имал изречена забрана за управување моторно возило од Б-категорија. Исто така, се движел со брзина од 98 километри на час во населено место, каде што дозволеното ограничување е 50.
При извршената проверка, кај него било утврдено и присуство на 0,73 промили алкохол во организмот.
По насоки од јавен обвинител, автомобилот на полицаецот е привремено одземен, а Одделот за внатрешна контрола веднаш покренал дисциплинска постапка против Д. М.
Како дел од задолжителните мерки, на полицаецот му се одземени службеното оружје и муницијата, а тој е упатен на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
