По објавата, како што пишува Би-би-си, глобалните пазари, исто така, се зголемија, при што главните американски берзански индекси пораснаа во раното тргување

Цените на нафтата паднаа откако Иран објави дека Ормускиот Tеснец ќе биде целосно отворен за комерцијални бродови во согласност со прекинот на огнот меѓу Израел и Либан.
Цената на барел сурова нафта „брент“ падна на 88 долари за барел, откако претходно беше над 98 долари.
Ормускиот Теснец е појас што го поврзува Заливот со Арапското Море, преку кој обично се транспортира една петтина од светската нафта и течен природен гас.
По објавата, како што пишува Би-би-си, глобалните пазари, исто така, се зголемија, при што главните американски берзански индекси пораснаа во раното тргување.
Европските акции, пораснаа како реакција на веста. Индексот Cac во Париз и Dax во Франкфурт се искачија за повеќе од два отсто, додека лондонскиот FTSE 100 се зголеми за околу 0,5 проценти.
Пред конфликтот, суровата нафта од типот „брент“ се тргуваше за под 70 долари за барел. Се искачи над 100 долари пред да достигне врв од над 119 долари за барел во март.
Наглиот пораст на цената на нафтата ја зголеми цената на бензинот и дизелот, а предизвика и загриженост во врска со снабдувањето со авионско гориво, што доведе до стравувања дека авиокомпаниите ќе мора да ги приземјат летовите.
Затворањето на клучниот воден пат, исто така, прекина голем довод на ѓубриво, што го користат земјоделците, зголемувајќи ја можноста за повисоки цени на храната како резултат на конфликтот.
Една третина од клучните хемикалии за ѓубрива во светот минуваат низ Ормускиот Теснец, а цените нагло пораснаа од почетокот на војната.
Одлуката на Иран повторно да го отвори Ормускиот Теснец следеше по договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан.
