Новата рунда разговори, како што најави, би можела да се случи веќе овој викенд и додаде дека Вашингтон и Техеран се многу блиску до финализирање на договорот
Претходно, во Белата куќа, тој изјави дека Иран се согласил да не развива нуклеарно оружје и да го предаде она што тој го нарече како нуклеарна прашина, односно збогатен ураниум. Од иранска страна засега нема официјален коментар на овие тврдења
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази силен оптимизам дека Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се на чекор до постигнување договор, нагласувајќи дека Техеран веќе се согласил да го предаде збогатениот ураниум, една од главните пречки во досегашните преговори, пренесува Би-би-си.

Според Трамп, новата рунда разговори би можела да се случи веќе овој викенд и додаде дека Вашингтон и Техеран се многу блиску до финализирање на договорот.
Говорејќи на настан во Лас Вегас посветен на американската економија, претседателот даде една од своите најоптимистички оценки досега, оценувајќи дека војната наскоро би можела да заврши.
„Ќе имаме победа. Многу наскоро“,
рече тој.
Претходно, во Белата куќа, тој изјави дека Иран се согласил да не развива нуклеарно оружје и да го предаде она што тој го нарече како нуклеарна прашина, односно збогатен ураниум за кој се верува дека е складиран под земја по воздушните напади на САД и Израел.
Од иранска страна засега нема официјален коментар на овие тврдења.
Уверен во напредокот на преговорите, истакна и дека не е сигурен дали ќе биде потребно продолжување на примирјето со Иран, кое треба да истече за пет дена, што дополнително го нагласува неговиот оптимизам дека договорот е на дофат.
Како што вчера пренесе Си-ен-ен, Трамп изјави и дека постои можност лично да отпатува во Пакистан за потпишување мировен договор за прекин на конфликтот со Иран.
Ги пофали пакистанските посредници во преговорите, оценувајќи ја нивната улога како значајна во напорите за постигнување мировно решение.
Воедно, изрази очекување дека евентуален договор би довел до стабилизација и намалување на цените на нафтата, кои, според него, би се вратиле на нивоата од пред конфликтот, додавајќи дека во последните денови е забележано намалување и на цените на бензинот.
