Ги пофали пакистанските посредници во преговорите, оценувајќи ја нивната улога како значајна во напорите за постигнување мировно решение
Посочи и дека нова рунда директни преговори со Иран би можела да се одржи во текот на викендот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои можност лично да отпатува во Пакистан за потпишување мировен договор за прекин на конфликтот со Иран, пренесува Си-ен-ен.
„Би отишол во Пакистан, да“,
им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, додавајќи дека тоа би го сторил доколку преговарачите на САД и Иран постигнат договор за завршување на конфликтот.

Според него, можно да присуствува на потпишувањето на договорот доколку тоа се случи во Исламабад.
„Доколку се постигне договор во Исламабад, можеби ќе одам. Тие сакаат да одам“,
додаде тој.
Ги пофали пакистанските посредници во преговорите, оценувајќи ја нивната улога како значајна во напорите за постигнување мировно решение.
Посочи и дека нова рунда директни преговори со Иран би можела да се одржи во текот на викендот, што не е првпат тој да најави нови разговори, откако претходно оваа недела изјави дека тие би можеле да се одржат во рок од неколку дена.
Во преговорите учествуваат американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Иран, според Трамп, покажува подготвеност за компромис, нагласувајќи дека прашањето за нуклеарното оружје останува клучно.
„Иран сака да постигне договор, а ние се однесуваме многу коректно. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје“,
кажа американскиот претседател.
Воедно, изрази очекување дека евентуален договор би довел до стабилизација и намалување на цените на нафтата, кои, според него, би се вратиле на нивоата од пред конфликтот, додавајќи дека во последните денови е забележано намалување и на цените на бензинот.
Оцени дека преговорите се одвиваат успешно и дека евентуален договор би придонел за слободна пловидба низ Ормускиот теснец, што би имало позитивно влијание врз глобалниот енергетски пазар.
Претходно, Трамп објави дека е постигнат десетдневен прекин на огнот помеѓу Израел и Либан, кој треба да стапи во сила денеска во 23 часот по средноевропско време.
Оваа информација тој ја сподели на неговата социјална мрежа Трут соушл, посочувајќи дека претходно остварил разговори со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што двајцата лидери се согласиле да започне десетдневен прекин на огнот како чекор кон постигнување траен мир.
